Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаПешевски: Насилството не е вистински начин за остварување на целта

Пешевски: Насилството не е вистински начин за остварување на целта

Политичките партии мора да разговараат за доброто на оваа земја, за доброто на македонскиот народ и за враќање на Република Македонија кон патеката на понатамошен раст и развој, напиша на својот Фејсбук профил вицепремиерот Владимир Пешевски.

„Немилите слики од вчерашните случувања во Собранието, не се слика на Република Македонија каква што јас ја гледам и каква што сакам да ја видам во иднина. Насилството врз пратеници од која било политичка опција силно го осудувам и сакам да посочам дека употребата на физичко насилство не е начин за остварување на политички цели.

Очекувам надлежните институции да се однесуваат професионално во расветлување на овие тажни случки во македонската историја, а оние кои го предизвикаа насилството со соодветни докази да одговараат пред правдата.

За осуда е и политичкото насилство презентирано вчера во парламентот, обидот на сила, недемократски, неуставно, незаконски и надвор од деловникот да изберат претседател на Собранието, па макар по цена да се испровоцираат и конфликти од поголеми размери.

Сепак и ова не оправдание за физичко насилство! Македонија мора да се врати на вистинскиот пат. Политичките партии мора да разговараат за доброто на оваа земја, за доброто на македонскиот народ и за враќање на Република Македонија кон патеката на понатамошен раст и развој.

На сите пратеници и полициски службеници коишто претрпеа физички повреди за време на вчерашните немири им посакувам брзо закрепнување.

Одговорните за насилството мора да одоговараат за своите постапки“, напиша Пешевски на својот Фејсбук профил.