Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПенс рзговарал и со Заев и со Ципрас – ги поздравил напорите на новата македонска влада

Пенс рзговарал и со Заев и со Ципрас – ги поздравил напорите на новата македонска влада

Премиерот Зоран Заев синоќа телефонски разговарал со потпретседателот на САД, Мајк Пенс, кој, како што соопштуваат од владиниот кабинет, ги поздравил процесите што Владата ги почнала за демократија, слобода и за правда во Македонија.

„Потпретседателот Пенс ги оцени чекорите на новата влада на полето на добрососедските односи како меѓународни успеси. Потпретседателот Пенс изрази поддршка на планот „3 – 6 – 9“ што го усвои Владата за реализација на реформските приоритети. Исто така, американскиот потпретседател пренесе поздрави до премиерот Заев, новата Влада и до граѓаните на Македонија од претседателот на САД, Доналд Трамп, и од американската администрација“, информираат од кабинетот на премиерот.

Премиерот Заев изразил благодарност за поддршката што ја има Република Македонија од САД во сите важни процеси за државата, како и во остварувањето на стратешките цели, интеграција во НАТО и во ЕУ.

„Заев констатираше дека членството на Црна Гора во НАТО е охрабрување за целиот регион и дека Република Македонија со силната посветеност кон реализацијата на потребните реформи, се надева дека ќе биде следната земја членка на Алијансата. Разговорот помеѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и потпретседателот на САД, Мајк Пенс, се одвиваше во искрена и пријателска атмосфера. И американскиот потпретседател Пенс и премиерот Заев изразија позитивни очекувања од престојната средба што треба да се случи на почеткот на август во Подгорица“, додаваат од владиниот кабинет.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, вчера по телефонскиот разговор со премиерот на Македонија, Зоран Заев, телефонски се слушнал и со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, соопшти Белата куќа.

Пенс и Ципрас во телефонскиот разговор ги реафирмирале долготрајните врски помеѓу Грција и САД.

„Потпретседателот му честиташе на грчкиот премиер за напредокот кон закрепнување од економската криза и му се заблагодари за улогата на Грција како столб на стабилност во регионот, за нејзиниот придонес во НАТО, како и нејзината воена соработка со САД. Лидерите изразиле жалење дека Конференцијата во Кипар минатата недела завршила без договор и потпретседателот ја подвлече континуираната поддршка од САД за сеопфатно решение за повторно обединување на островот како бизонална, двокоммунална федерација. Потпретседателот му упати покана на Ципрас да го посети Вашингтон и лидерите се согласија да се сретнат во блиска иднина“, се вели во соопштението од Белата куќа.