Friday, Apr 19, 2024
HomeИздвојувамеПатуваме во непокорното Мариово и куќата на Калеш Анѓа

Патуваме во непокорното Мариово и куќата на Калеш Анѓа

Мариово е еден од ретките македонски региони кој не бил завземен од Осмалиите и долг период населението било чисто македонско без колонизатори, ниту пак имало потурчувања, односно превземање на Исламската вера. Мариовци денес се раселени низ македонските градови или низ белосветските метрополи, но се уште кај нив е присутна гордоста за истрајноста на духот, борбеноста и желбата за правда. Според легендите уште при доаѓањето на Осмалиските освојувачи Мариово ја одржало слободата благодарение на преубавата девојка Марија која се согласила да му биде жена на турскиот султан Мехмед Втори. Единствениот нејзин услов да му се довери било ветувањето дека сто години турчин не смее да влезе во Мариово, ниту да врши присилба кај рисјаните за менување на верата, па така и регионот е наречен по султаната Мариово.

kales anga2

Овој предел е еден од најсуровите за преживување и покрај тоа што има прекрасна природа, но опколеноста со планински масиви и високата надморска височина не била лесно достижна за освојувачите. Тоа се менува откако мариовското семејство Сирмевци трпи неколку големи турски зулуми. Најпрво нивното машко дете Анѓеле било грабнато од турците додека заедно со неговиот дедо биле на пазар во Прилеп. Втората трагедија на Сирмевци е со неговата сестра близначка меѓу народот позната како преубавата и горда девојка Калеш Анѓа.

kales-angja

Калеш Анѓа му паднала во око на прилепскиот валија кој сакал да ја грабне за неговиот харем, но и покрај сите ветувања за раскошен живот, таа не ја прифатила турската вера. Нејзиниот постар брат со неколку мариовци ја спасуваат од харемот и се креваат на бунт. Познато е дека храбро се бранеле и нашле засолниште во тврдината Пешта. Аскерот при првиот напад паднал во голема стапица на мостот на Црна река чии столбови биле отсечени. Но, потоа дознале од каде бунтовниците добиваат вода и по 17-дневна опсада ги совладале. Анѓа се уште била непокорна и затоа ја испратиле на робија во Турција. Трагичната судбина на Сирмевци добива необичен крај откако таа го препознава својот брат близнак Анѓеле кој служи како јаничар. Во нејзин спомен денес е обновена куќата во село Старавина која сведочи за дамнешното минато и оваа приказна за нескршливоста на духот е одлична можност за привлекување на туристи.