Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаПаско Кузман осуден на 3 години затвор за „Фаланга 2“

Паско Кузман осуден на 3 години затвор за „Фаланга 2“

Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепената пресуда за случајот „Фаланга 2“, со која шеснаесет обвинети, меѓу кои и поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман се осудени на затворски и условни казни. Второстепениот суд ги отфрли нивните жалби како неосновани.

Со пресудата на кривичниот суд од јули 2014 година, Паско Кузман беше осуден на три години затвор, затоа што како директор на Управата за заштита на културното наследство им издал согласност на физички лица за изведување земјени работи на две локации со цел проверка на наводите за постоење културно – историско наследство.

Првообвинет во случајот е поранешниот раководител на Одделението за превенција во Управата за заштита на културно наследство, Илче Бојчевски, кој беше осуден на затворска казна од 7,5 години за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба, тешка кражба и прикривање.

Пред судот, тој тврдеше дека е жртва на лажен сведок и мета на одмазда поради успешното справување со нелегалната трговија со артефакти. Другите обвинети, кои се товарат дека биле дел од злосторничката група што се занимавала со трговија на артефакти, добија меѓу 3,5 и 6,5 години затвор. Четворица од обвинетите поминаа со условни казни. Најголемиот дел од групата беа обвинети дека илегално ископувале артефакти и ги продавале.