Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионПартијата на албанските Македонци не влезе во Парламентот на Албанија

Партијата на албанските Македонци не влезе во Парламентот на Албанија

Од 19 пратенички места, колку што ги освои Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), нејзиниот коалициски партнер Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) не доби ниту едно место во новиот состав на парламентот на Албанија, јави весникот на Македонците во Албанија „Илинден“.

Единствен кандидат на МАЕИ беше генералниот секретар на партијата, Васил Стерјовски, кој беше на кандидатската листа на ЛСИ во изборната единица во Корча.

На изборите во Албанија одржани во неделата, според 95 отсто преброени гласови, победи Социјалистичката партија на Еди Рама, која и сега е на власт во Албанија. Таа освои 48 од вкупниот број гласови, односно 74 од 140 мандати. Претходно МАЕИ беше во коалиција со партијата на Еди Рама, но на овие избори реши да му сврти грб поради национализмот и навредувачкиот однос кон Република Македонија, по појавата на платформата на политичките партии од албанскиот блок во Македонија.

Тие, исто така, му забележуваат на Рама што Социјалистичката партија не го одржала ветеното, дека нема да згаснат општините со припадници на малцинствата, па ги „избриша“ општините во Голо Брдо и во Гора.

Втора на изборите во Албанија е опозициската Демократска партија на Љуљзим Баша, со 29 отсто од гласовите, односно 43 пратенички места.

Инаку, МАЕИ на претходните избори во јуни 2013 година исто така не освои пратенички мандат. Партијата на тие избори учествуваше со своја листа, чиј носител беше универзитетската професорка Валентина Нестор, но не успеа да го обезбеди потребинот број гласови.