HomeДЕНЕШНАПолитикаПартиите немаа време да го потпишат Кодексот за ненасилство

Партиите немаа време да го потпишат Кодексот за ненасилство

konferencija-za-nenasilstvo1

Политичките партии денеска не се појавија на настанот наречен „5 минути до 12“, каде требаше да го потпишат Кодексот за превенција од насилство за време на парламентарните избори 2016 година што го изработи Проектот „Превенција за време на избори 2016“.

Како што информира раководителот на проектот, Нелко Нелковски, од партиите го известиле дека денеска нема да можат да го потпишат кодексот затоа што имаат многу обврски со пријавувањето листи за пратеници.

– Нè замолија да им го доставиме кодексот за да можат да го потпишат и да ни го вратат. Нивното образложение беше дека денеска е последен ден за пријавување на кандидатски листи за пратеници и немаат време да го потпишат – вели Нелковски.

Инаку, Кодексот се состои од пет принципи: мир, ненасилство, комуникативност, соработка и позитивно дејствување.

– Партиите потписнички се обврзуваат да го почитуваат кодексот за мирен изборен процес на престојните парламентарни избори на 11 декември, во периодот пред одржување на изборите, за време на кампањата, на изборниот ден и по завршување на изборите и да го отфрлат и да го осудат секое насилство. Покрај тоа, се обврзуваат да споделуваат информации кои се од значење за граѓаните вклучени во парламентарните избори, како и за соработка со државните институциите, сите политички партии, невладини организации и меѓународните организации вклучени во изборниот процес во насока на превенција од насилство на изборите – вели Нелковски.

Тој прецизира дека потписничките на кодексот се обврзуваат и за позитивно однесување, како и да водат грижа за животот, здравјето и за безбедноста на граѓаните вклучени во изборниот процес во рамките на спроведувањето на сите партиски активности.

Денеска на коференција само беше презентиран кодексот и неговото значење.

Кодекс за ненасилство политичките партии потпишуваат пред секој изборен процес. Сепак, тоа и не ги спречуваше да работат и да функционираат популистички и според свои убедувања, а на моменти и со насилство. Годинава, пак, изборниот процес ќе биде под засилен надзор, што остава помалку простор за насилство.

Мета

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com