Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПарламентарна контрола во агенцијата за разузнавање

Парламентарна контрола во агенцијата за разузнавање

Седуммина пратеници и од Комисијата за надзор над работата на безбедносните служби, која се доекипираше минатата седмица, беа денеска во контрола на Агенцијата за разузнавање, која функционира под надлежност на шефот на државата.

Целокупната безбедносна ситуација во Македонија и регионот, безбедносните закани со кои се соочува, биле дел од прашањата за кои се интересирале членовите на Комисијата.
– Она што беше соопштено е една помалку или повеќе јавна информација која може да се изведе и од анализата на домашните, регионалните и странските медиуми. Постојат неколку видови актуелни безбедносни закани во однос на цела Европа вклучително Македонија, а се поврзани со миграциските движења и можноста за инфилтрирање одредени поединци или групи кои би можеле претходно да бидат инволвирани во одредени воени жаришта надвор од европскиот континент, изјави пратеникот Антонио Милошоски, член на Комисијата.
phone
Втората закана, како што посочи, е поврзана со претходната и се однесува на радикализмот по однос на верска основа и негова злоупотреба во одредени цели. Притоа, посочи Милошоски, Европа како континент, сите земји членки на ЕУ или земји кандидати не се исклучени од таков ризик. Посетата, членовите на Комисијата, ја оцениле како задоволителна и успешна затоа што добиле голем број значајни информации, како и опис на работата на Агенцијата.

– По однос на информациите можам да кажам дека тие беа од голем интерес за членовите бидејќи се работи за информации поврзани со безбедноста не само на РМ, туку и регионалните предизвици, како и некои глобални феномени со кои во моментов Европа се соочува како закани, рече Милошоски.

Комисијата била во посета на Агенцијата за разузнавање во мнозински состав, но не целосен.
– Некои беа отсутни од објективни причини кои претходно ги најавија. Комисијата ќе биде во целосен состав во оној мемент кога СДСМ како опозициска коалиција ќе го заземе претседателското место и ќе ги пополни местата за членови кои и припаѓаат во Комисијата, рече Милошоски кој денеска ја предводел делегацијата од собраниската Комисија.

Тој најави дека во текот на наредниот месец Комисијата најверојатно ќе оствари и посета на Управата за безбедност и контраразузнавање. По посетата на членовите на Комисиата денеска соопштение испрати и Агенцијата за разузнавање.

– За време на посетата, членовите на Комисијата беа информирани за тековните активности кои ги презема Агенцијата согласно законските надлежности, за безбедносните закани со кои се соочува Република Македонија и мерките кои се преземаат за нивно превенирање, нивото на материјално-техничка опременост и кадровска пополнетост, меѓународната соработка и соработката со партнерски служби, се вели во соопштението од АР.

Раководството на Агенцијата дало посебен осврт на активностите кои во рамки на законски утврдените надлежности се преземаат кон заканите по националната безбедност на Република Македонија, начинот на соработка и комуникација со институциите.

На членовите на Комисијата им биле презентирани буџетските ресурси и потреби, одливот на кадар по основа на пензионирање, недостигот на стручно-оперативен кадар кој би се ангажирал по принцип на ваучер-систем, како и потребата од модернизација на оперативно-техничките средства за ефикасно превенирање на безбедносните закани кон Република Македонија.