Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАСветПапуа Нова Гвинеа: Полицијата пука во студенти – најмалку четворица мртви

Папуа Нова Гвинеа: Полицијата пука во студенти – најмалку четворица мртви

Четворица демонстранти се убиени, а најмалку уште десет се ранети, во немирите кои избија во главниот град на островската држава Папуа Нова Гвинеа, северно од Австралија. Во последните недели демонстрираат студентите и други граѓани, откако премиерот Питер О`Нил беше обвинет за корупција.

Жителите во главниот град Порт Моресби велат дека полицијата пукала во насобраните луѓе и употребила солзавец да ги растера демонстрантите кои се собрале на Универзитетот PNG Waigani. Проблемите почнале кога полицијата ги спречила студентите да маршираат кон Парламентот и почнала да пука во насобраната маса. Сведоци велат дека полицијата ги нападнала демонстрантите, удирајќи и клоцајќи ги. Според владата, не е јасно дали полицијата испукала предупредувачки куршуми или пукала директно во луѓето.

Има извештаи и за други собири во други делови од градот, а камион и зграда биле запалени на универзитетскиот кампус. Според болницата во Порт Моресби, десет студенти се донесени за да им се укаже лекарска помош. Откако ги донеле повредените студенти, на паркингот пред болницата избиле немири меѓу полицијата и поддржувачите на демонстрациите.
papua nova gvinea
„Сега таму има големи судири меѓу полицијата и јавноста веднаш пред Општата болница во Порт Моресби“, велат од болницата во телефонски разговор со Ројтерс. „Исто така, се пука“, додаваат. Студенти сведочат дека луѓето на кампусот се кријат од полицијата, а ситуацијата е конфузна. „Дојдовме до точка кога се пука во студентите, тие се мета како да се криминалци. Пукаат во нив. Овде се за да пукаат и да убијат. За малку ќе ме убиеа и мене“, вели еден студент.

Студентите пет недели протестираат против премиерот Питер О`Нил, по обвиненијата за корупција. Немири и демонстрации пријавени се и во другите градови на островот, како во Горока, Хаген сместени во планините и Лае, на северниот брег. Во писмена изјава, премиерот Питер О`Нил и неговата влада велат дека ќе преземат сѐ за да се разоткријат причините за протестот.

Владата тврди дека протестот на студентите е менаџиран од надвор, а за тоа ја обвинија опозицијата. „Луѓето кои стојат зад овој протест имаат политичка агенда. Членовите на опозицијата ги подбуцнуваат студентите. Крвта на повредените на студенти е на нивните раце“, се вели во изјавата на премиерот.

извор:Макфакс