Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионПапандреу за спорот со името: Грција треба да поднесе иницијатива

Папандреу за спорот со името: Грција треба да поднесе иницијатива

Грција треба да води активна дипломатија на иницијативи за решавање на отворените прашања од надворешната политика, како спорот за името и грчко-турските проблеми, вели експремиерот Јоргос Папандреу, во интервју за грчката државна информативна агенција.

Според Папандреу, грчката дипломатија е неопходно да биде проактивна околу отворените прашања и да предлага идеи во насока на грчките национални интереси, без да чека идеи и сугестии од друга страна – пренесува Мета.

– Грција треба постојано да презема иницијативи и да нуди предлози за решавање на секој проблем. Го велев и секогаш ќе го велам ова: проблемот со кој не се справувате, нема да се реши и почнува да гние. И ако треба да се реши, во наш интерес е да се реши врз основа на наши предлози. Не треба да чекаме никого. Иницијативи, иницијативи, иницијативи – вели Папандреу.

Тој посочува дека Грција нема потреба да се плаши за ништо околу отворените прашања со Македонија, Албанија и со Турција бидејќи ги има на своја страна меѓународното и европското право. Истакнува дека грчките власти и понатаму треба да продолжат да ги поддржуваат европските амбиции и на нашата држава, но и на другите две.

– Ние треба да ја поддржуваме нивната пристапна перспектива во ЕУ, без отстапки во однос на нивното усвојување на европските принципи – додава експремиерот.

Папандреу за време на премиерскиот мандат од 2009 до 2011 година имаше 11 средби со тогашниот премиер Никола Груевски, што се смета за најголем број билатерални средби на премиерско ниво од почетокот на преговорите за спорот за името.