Friday, Apr 19, 2024
HomeАНТИСТРЕСЕкимОва се симптомите на рана бременост

Ова се симптомите на рана бременост

Покрај задоцнување на менструацијата, на листата на најчести рани симптоми на бременост можат да се вклучат и следниве симптоми:

enhanced-32089-1412865898-11

  1. Замор и поспаност. Се чувствувате изморени и не можете да си објасните зошто сте толку поспани? Можно е тоа да се должи на зголеменото ниво на хормони во вашето тело. Кај многу жени заморот продолжува во текот на целото прво тримесечје од бременоста. Ако се сомневате дека сте бремени, не го „лечете“ заморот со кафе, туку послушајте го телото и одмарајте.
  2. Чувствителни, отечени гради. Уште во втората или третата недела од бременоста може вашите гради да станат поголеми и почувствителни. Ставањето на градникот може да ви стане еден вид мало измачување, бидејќи ќе ви причинува болка. Исто така, веројатно и вените на градите ќе станат повидливи.
  3. Гадење, утрински мачнини. Повеќето трудници започнуваат да имаат утринско гадење во шестата недела од бременоста, но кај некои гадењето се појавува многу порано. Иако мачнините се нарекуваат утрински, всушност можат да се појават во кој било период од денот и не се задолжително проследени со повраќање.
  4. Вртоглавица, несвестица. Сигурно ќе се потсетите дека во филмовите и сериите вртоглавицата и несвестицата секогаш најавуваат бременост на главниот лик. И во реалноста овие два знака се сметаат за рани симптоми на бременост. Несвестицата може да ја предизвика опаѓањето на нивото на шеќер во крвта, а вртоглавицата – опаѓањето на крвниот притисок.
  5. Слабо крварење. Забележувате мали точки светло црвена крв на гаќичките? Постои можност да се работи за крварење предизвикано од имплантацијата. Тоа се појавува кога ембрионот се прикачува за матката.
  6. Често мокрење, особено во текот на ноќта. Ако не поминува ноќ без да сте принудени да го посетите тоалетот, тогаш можно е телото да ви сигнализира дека ќе станете мајка.
  7. Болки во долниот дел на грбот. Иако поретко, сепак се случува болките во грбот да започнат уште во првите недели од бременоста. Лошата вест е што ако сте бремени, нема да се ослободите од болките сè до породувањето.
  8. Изострено сетило за мирис. Бремените жени се почувствителни на миризби. Наеднаш може парфемот на вашата пријателка да ви стане одбивен, да не можете да го поднесете вашиот омилен гел за туширање или да ви пречи миризбата од кантата за ѓубре која е на голема оддалеченост од вас.
  9. Грчеви во долниот дел на стомакот. Чувствувате болки и грчеви во долниот дел на стомакот? Може да се работи за ПМС или пак вашата матка се подготвува за бременоста. Сепак, тешко е да се каже со сигурност која е вистинската причина.
  10. Констипација и подуеност. Зголемувањето на нивото на прогестерон во почетокот на бременоста ја забавува работата на дигестивниот систем и може да дојде до појава на констипација (запек).
  11. Аверзија кон одредена храна, лакомост кон друга. Ако забележите дека одненадеж ви се гади дури и од самата помисла на одредена храна која дотогаш сте ја консумирале без проблем или пак не можете да се донајадете со друга храна, можеби телото ви кажува дека сте бремени.
  12. Промени во расположението. Започнувате Трета светска војна без причина? Можеби вашето бунтовништво се должи на промените во вашето тело предизвикани од бременост.
  13. Задишување. Некои жени кога ќе останат бремени многу лесно се задишуваат затоа што им е потребен повеќе кислород поради растењето на фетусот. Колку една жена е во понапредна бременост, толку задишувањето станува почесто.
  14. Чести главоболки. Зголеменото ниво на хормони за време на бременоста може да биде причина за појава на чести главоболки.
  15. Покачена базална температура. Базалната температура е температурата на телото во мирување. Во периодот од овулацијата до појавата на менструалното крварење таа се покачува, а потоа опаѓа. Но, доколку сте бремени, базалната температура останува покачена. За да го забележите овој симптом, потребно е редовно да си ја мерите базалната температура.

Имајте во предвид дека многу од раните симптоми на бременост се слични со симптомите на ПМС, а може да се однесуваат и на друга здравствена состојба.