Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаОтворена фабрика на германски „Техникал Текстајлс“ во Штип

Отворена фабрика на германски „Техникал Текстајлс“ во Штип

Во штипската Технолошко индустриската развојна зона вчера е отворена новата фабрика на германската компанија „Техникал Текстајлс“ чија инвестиција чини околу 15 милиони евра, а во неа ќе се произведуваат повеќе компоненти на фиберглас кој има широка примена во градежната, авионската и автомобилската индустрија.

Премиерот Никола Груевски, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и сопственикот на „Техникал Текстајлс“ Јинс Вандланд свечено ја отворија фабриката во која веќе работат сто луѓе.

Тој истакна дека во наредниот период во оваа фабрика се очекува да се отворат уште илјада нови работи места, што ќе има големо значење за општините Штип, Кочани, Велес, Свети Николе, Карбинци, Лозово, Конче, Чешиново-Облешево и околните места.

Сопствениот на германската компанија „Техникал Текстајлс“ Јинс Вендланд истакна дека во новата фабрика покрај стоте вработени коишто во моментов работат, планирано е до крајот на годината бројот на вработените да достигне 300 лица.

– Јас во месец мај минатата година бев во авион кон Абу Даби за да потпишам договор за изградба на нова производствена хала, односно токму оваа во која сега се наоѓаме, а требаше да биде изградена во Абу Даби. Тогаш во еден светски економски магазин прочитав мал прилог за Македонија. Се нудеа добри можности за инвестирање. Затоа веднаш решив да го сменам авионот и да заминам за Македонија за да се информирам подетално за инвестирање во вашата земја. Имаше и други земји во кои се нудеа и можевме да добиеме субвенции од Европската унија, односно други големи финансиски поддршки. Тоа во Македонија беше можно само во ограничени рамки, но Македонија покрај другото нуди многу мотивирани работници, голем потенцијал на соработници, многу силна општинска и државна поддршка и многу други работи. Токму ова ја направи локацијата Македонија за нас многу интересна, па оттука тука ние преку Германско-македонско стопанско здружение стапивме во контакт со г. Мизо, а тој со својот тим ни дадоа многу детални информации за можностите за отворање на производствен погон во слободните индустриски зони. Јас многу брзо бев убеден од сета понудена програма и веднаш започнавме со голема брзина да работиме на проектот, рече Вендланд.

Тој истакна дека нова фабрика „Техникал Текстајлс“ почнала да се гради минатата година и во рок од 14 месеци истата е изградена. Во моментов во компанијата има околу стотина вработени, до крајот и почетокот на идната година ќе има околу 300 вработени.

– Доколку целата инвестиција се движи во позитивна насока, како што очекуваме, спремни сме бројот на вработени да го зголемиме со можност бројот во следните години да се искачи и до илјада вработени, како и да направиме други инвестиции во други проекти во Република Македонија. Нашиот делокруг на работа се состои во производство на технички текстил од фибер глас влакна, кој често се користи во повеќе области како фасадната изолација за ветерници, бродската индустрија и други сектори, рече Вендланд.