Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаОтворен „Codefest 2016“ – Централен настан за IT технологии

Отворен „Codefest 2016“ – Централен настан за IT технологии

Денеска, Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска го отвори 4-от по ред ‘Codefest 2016’, што претставува технолошки настан во организација на Здружението за развој Стартап зона Охрид и ќе трае до 17 април.

Арсовска Томовска кажа дека во претходните години во Република Македонија е создаден добар екосистем кој опфаќа солидна информатичко-комуникациска инфраструктура, едуцирани и талентирани млади луѓе и растечка претприемачка култура, нагласувајќи дека одличната бизнис клима всушност е нашата предност како држава.

Таа се надоврза кажувајќи дека за да обезбедат развој на технолошките иновативни стартап компании, претприемачите од земјава и регионот можат да ги искористат партнерите и ресурсите кои се присутни тука.

Арсовска Томовска кажа дека Фондот за иновации исто така соработува со компаниите, универзитетите, инкубаторите и акцелераторите да им помогне на стартап-ите од различните индустрии и различните фази на зрелост.

„Тука се и менторите, банките, бизнис ангелите, домашните и светските технолошки компании, ИТ факултетите и државните институции, сите заедно здружени со единствена цел – да создадеме успешни компании и да креираме работни места. Да го препознаеме талентот уште во зародиш и да му обезбедиме околина во која ќе расте и ќе се развива”, потенцираше Арсовска Томовска, прогласувајќи го настанот за отворен.

Инаку, Codefest опфаќа три случувања: Конференција (Codeference), каде предавачи и панелисти од земјава и странство ќе имаат свои обраќања на теми поврзани со технологијата, иновациите, дигиталниот маркетинг и стартапи. Вториот настан е Codefest Marathon односно маратонско кодирање коe ќе трае вкупно 32 часа во континуитет, а третото случување е CF X – Business Expo – изложбено експо за претставници од ИТ бизнис секторот и образовните институции, со цел да им се даде можност за нивно презентирање, остварување на бизнис соработка и директна регрутација на таленти кои ќе учествуваат на конференцијата и маратонот.

Исто така, настанот е поддржан од програмата за зголемување за пазарната вработливост ИМЕ, која е програма на швајцарската агенција за развој и соработка SDС, имплементирана од водечкиот партнер SWISContact, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус.