Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионОтпор: Новинарка со отказ одби да биде замолчена

Отпор: Новинарка со отказ одби да биде замолчена

Новинарката Сања Кљајиќ поднесе оставка од РТВ – Радио Телевизија Војводине поради цензура. Таа соопштила дека поднесува оставка поради цензурата која се спроведува во последните три месеци, а која настапила откако Управниот одбор, на почетокот на мај, незаконски го сменил директорот на програмата Слободан Арежин, а потоа и 14 уредници и водители на дневно информативни емисии. Во барањето за прекин на договорот, Сања Кљајиќ навела и дека е спречена во својата работа на документарно-истражувачка емисија за правосудството во Србија, чие емитување било планирано за септември. Додала дека со тоа се прекршуваат законот за јавни медиумски сервиси и законот за јавно информирање.
sanja kljajic
„Во информативната програма на РТВ веќе не може да се работи новинарска работа во согласност со принципите на професијата и принципите на јавниот сервис. Последната капка која ја прели чашата беше цензурирањето прилог за работничките права. Прво побараа од мене да направам прилог дека во Србија има работни места, но луѓето не сакаат да работат. Го одбив и предложив да направам прилог за кршењето на работничките права во фабриките кои странските инвеститори ги отворија со великодушна помош на државата. Уредничката се согласи, но прилогот не беше емитуван. Два часа подоцна немаше ни трага од текстот и потписот за емитување, што значи дека некој намерно морал да го избрише за да не случајно на некого му падне на памет да емитува таква сторија“ – раскажала новинарката пред своите колеги.

Коментар од авторот
Случајот со колешката Кљајиќ е само доказ дека српските и македонските политичари се служат со исти методи. Нас воопшто не ни се страни ваквите случаи, почнувајќи од нарачката на прилози, па се до бришењето на истите како воопшто и да не постоеле. Ова е само дел од политичката репресија врз медиумите и обид за нивно целосно покорување. Веќе пишував за балканската црна пропаганда која зазема нови размери. Текст инспириран токму од пропагандата наменета да се оправда смената на раководството на РТВ. Тогаш српски Ало ги поврза протестите во Нови Сад за смена на раководството на „Радио Телевизија Војводина“ со протестите на Шарената револуција. Весникот ја поврза и македонската опозиција и здруженија како „Муслимански браќа“ со протестите во Нови Сад. Исто така, весникот не се двоумеше да оцрнува имиња на македонски граѓански активисти. Па така, со малку здрава логика може да оцениме дека властите во двете земји не само што се служат со исти методи, туку имаат и исти цели. За крај, почит за колешката која одби да биде замолчена. Должност на секој новинар е да се бори за интегритетот на својата професија.
alo

автор: Кристина Атовска

Не е дозволено преземање на оваа содржина без дозвола на редакцијата на Позитив.мк, освен со линк до конкретната страница