Friday, Jul 13, 2018
HomeАЈНШТАЈНИЈААрхеологија и ИсторијаОткриени 85 гробови на локалитетот Горна Порта во Охрид

Откриени 85 гробови на локалитетот Горна Порта во Охрид

lokalitet-g1

На археолошкиот локалитет Горна Порта во Охрид, каде што беа пронајдени познатите артефакти, „Златната маска“ и „Златната ракавица“ како и уште 70-ина други златни, сребрени, бронзени, килибарни и други предмети, во овој период од годината се вршат систематски истражувања што треба да завршат на крајот на септември. Истражувањата ги врши Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, а годинава, според информациите на Министерството за култура се откриени 85 гробови од кои 12 датираат од македонско-хеленистички период, од 3-2 век п.н.ера, додека преостанатите се од османлискиот период, од 15 до крајот на 18 век.

Во гробниците со гробни конструкции од необработен камен, досега се пронајдени: керамички амфори, калапени чаши, делови од војничка опрема (копја, ножеви), накит – златни обетки со негроидни глави и со претстави на Ерос, ѓердани со монистра од стаклена паста, приврзоци, фибули и прстени, а во три гроба се пронајдени и бронзени садови.

„Од периодот на доцната антика се откриени и истражени 11 јами и дел од рустикален објект, а пронајдено е поголемо количество византиски монети, неколку сребрени венецијански грошеви и една сребрена монета на кралот Волкашин. Гробовите од османлискиот период главно се со христијанска ориентација и во нив се пронајдени бронзени копчиња, обетки, срма, а зачувани се и делови од органски материјали (кожни обувки, дрво). За најстар наод од теренот се смета праисториско камено секирче, а за најмлад, османлиски монети од 19 век.