Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОтфрлени приговорите на Беса, Алијанса за Албанците и НДМ

Отфрлени приговорите на Беса, Алијанса за Албанците и НДМ

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница, која заврши вечерва, ги разгледа и ги отфрли сите приговори поднесени од партиите Беса, Алијанса за Албанците и НДМ за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг на локалните избори, што се одржа на 29 октомври.

Од вкупно 89 приговори поднесени од Беса, ДИК отфрли 88, а еден приговор бил повлечен од партијата. На барање на Беса 84 приговори биле разгледани како еден бидејќи сите се однесувале на гласањето во општина Чаир и имале исти наводи.

Членовите на ДИК ги отфрлија и сите 13 приговори поднесени од Алијанса за Албанците за гласањето во Струга, како и еден приговор поднесен од НДМ.

Приговорите на Беса и на Алијансата за Албанците Комисијата ги отфрли како неосновани, додека приговорот на НДМ е отфрлен како неуреден.

Против одлуките на ДИК, партиите можат да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решенијата. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбите. Одлуките на Управниот суд се конечни.