Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаОсум компании со грчки капитал се дел од листата на 200 најголеми фирми во Македонија

Осум компании со грчки капитал се дел од листата на 200 најголеми фирми во Македонија

Осум компании со грчки или мешовит удел се дел од листата на 200 најголеми бизниси во Македонија во 2016 година, објави финансискиот магазин „Капитал“, а пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА.

На трето место на листата, како и претходната година, се наоѓа ОКТА, односно групацијата „Хеленик петролеум“, која најдолго време е најголем снабдувач на горива во Македонија со промет од 311 милиони евра, односно 5,6 отсто помалку од минатата година. „Усје – Титан“ со промет од 72,4 милиони евра, односно 0,2 отсто помалку од минатата година, е на 22. место, а на 24. место е „Верополус“ со промет од 70,7 милиони евра, што е за 0,5 отсто повеќе од претходната година.

Помеѓу 200 најголеми компании во Македонија се наоѓаат и „Пивара Скопје“, „Актор“, „Жито лукс“ и „Мермерен комбинат“.

Севкупно, прометот на грчките претпријатија е 7 отсто од прометот на 200 најголеми македонски компании.

Во однос на профитот „Усје – Титан“ се наоѓа на 6. место со остварен профит од 19,5 милиони евра, по што следуваат „Пивара Скопје“, која се наоѓа на 10. место со профит од 12,4 милиони евра, и „Веропулос“ на 14. место со профит од 8,9 милиони евра.

Значителен пораст на профитот е забележан кај ОКТА, од 408 отсто, и кај „Актор“ од 286,4 отсто.

Најголема фирма во Македонија според остварените приходи и годинава е „Џонсон Мети“ со вкупни приходи од 1,34 милијарди евра, која лани имала пораст на приходите од 11,9 отсто. „Џонсон Мети“ истовремено е и најпрофитабилна фирма во земјава, чиј профит ја надмина границата од 100 милиони евра.

Според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, во периодот јануари-септември 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговска размена, најзначајни трговски партнери на Македонија се Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.