Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАСветОстатоци од руска подморница пронајдени во Шведска

Остатоци од руска подморница пронајдени во Шведска

Шведските воени власти покренаа истрага по откривањето на остатоци од потоната подморница, за која се тврди дека е руска. Најдените остатоци, што први ги забележале тим нуркачи на групата „Оушн Икс“, се лоцирани во шведските територијални води, близу до брегот на Шведска. Откриениот потонат објект е долг 20, а широк само 3,5 метри.

Нуркачите кои ги снимиле остатоците, тврдат дека станува збор за руска подморница и тоа го објаснуваат со кириличните букви, забележани на едната страна од потонатото пловило. Претставник на шведската Воена морнарица изјави дека се анализираат видео снимките што ги направиле нуркачите на „Оушн Икс“, но нагласи дека е „премногу рано“ да се каже дали остатоците воопшто и припаѓаат на некоја подморница.

Не е јасно колку е стар објектот, како и тоа колку долго се наоѓа на морското дно. Нуркачите единствено забележале дека „подморницата“ досега не била воопшто допрена и дека ниту една од нејзните отвори, за влез и излез, не биле отворени.

Минатата година, шведските воени власти беа силно ангажирани во интензивната потрагата по наводна руска шпионска подморница за која се тврдеше дека „оперира“ во територијалните води на Шведска, но официјална Москва ги отфрли сите такви тврдења како „сосема неточни и измислени“. Еден шведски поморски експерт за медиумите во Стокхолм изјави дека најдените остатоците на морското дно најверојатно и припаѓаат една руска подморница, која потонала покрај брегот на Шведска во 1916 година.