Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаОсновачите на Imgur, Gjirafa и многу други експерти на пред-акцелеторската програма на Seavus Инкубатор

Основачите на Imgur, Gjirafa и многу други експерти на пред-акцелеторската програма на Seavus Инкубатор

Алан Шаф, основач и извршен директор на светски познатиот сајт за хостирање на слики www.imgur.com, со проценета вредност од повеќе од три милијарди долари, доаѓа на првата пред-акцелераторска програма на Seavus Инкубатор како ментор кој ќе работи со стартапите од Македонија.

Покрај извршниот директор на imgur.com, најавени се и други познати имиња во секторот креативни индустрии. Еди Демај, претприемач од САД, кој стои зад неколку успешни американски компании и албанскиот портал www.Gjirafa.com ќе одржи обука за презентирање на идеите пред инвеститори (pitching).

Корентин Кремет, кој ќе зборува за продажни техники, доаѓа со непроценливо искуство од Мајкрософт и Оранж, но исто така и со искуството како организатор на неколку Стартап Викенди во различни земји низ Европа. Себастиан Етел, своето искуство од азискиот пазар како претставник на Леони, глобален лидер во производство на кабли, ќе го сподели на самиот почеток од програмата.

Како домашни предавачи од најголемата ИТ компанија во земјава, Seavus, се Кристина Цветанов, главен финансиски директор која ќе одржи предавање за финансии за почетници и финансиски извештаи; Татјана Бошевска, директор за информациски технологии, со 20 годишно работно искуство во развој на компании и производи која ќе говори за поставување на стратегија и развој на бизнис модели; и Алесандра ди Силвестро за дизајнирање на корисничко искуство.

Како претставници од инвестицискиот свет, ментори на програмата ќе бидат Ивана Станковиќ од инвестицискиот фонд South Central Ventures и Дарко Бутина од Netcetera. Наменета за стартапи, тимови и претприемачи кои работат во областа на информациските технологии, пред-акцелераторската програма ќе се одвива во текот на осум недели и има за цел да обезбеди вештини и знаење кои ќе им помогнат на учесниците да направат прототип, да пласираат производ на пазарот или да го финансираат својот бизнис.

Пред-акцелераторската програма е целосно ко-финансирана од Seavus и ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Свисконтакт и Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус и е бесплатна за избраните учесници. Пријавувањето се уште трае, а сите заинтересирани лица можат да аплицираат на веб страната на Seavus Инкубатор: www.seavusincubator.com/pre-accelerator-program-2016/

Како партнери во програмата се вклучуваат и Girls in Tech, кои се залагаат за еднаква застапеност на девојки и жени во ИТ, STARTUPZONA, кои им помагаат на младите во развојот на бизнис, SEEUTechPark, SECO, AIESEC, мрежата на Бизнис Ангели на Македонија, како и многу други организации кои го поддржуваат развојот на претприемништвото во Македонија.