Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани: Владата работи на решавање на домашните и надворешните проблеми

Османи: Владата работи на решавање на домашните и надворешните проблеми

Владата во делот на евроинтеграциите следи две траектории – едната е планот 3-6-9, а другата решавање на политичките прашања во кои влегуваат меѓуетничките односи и односите со соседите, односно прашањето на јазикот и отвореното прашање со Грција и со Бугарија. Мора да постигнеме и консензус со опозицијата.

Ова го изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи кој денеска одржа трибина посветена на Планот 3-6-9 и неговата имплементација со претставници на невладиниот сектор.

– Владата ќе работи паралелно на двете траектории. Завршување на домашните задачи преку реформи во првата траекторија и храбро адресирање на отворените прашања од втората траекторија. Патот кон интеграциите ќе се деблокира преку адресирање на овие две траектории. Добро е што сме блиску до потпишување договор со Р. Бугарија. Затвораме едно важно прашање кое е пречка на патот на евроинтеграциите и со тоа го покажуваме пристапот кој го има Владата по однос на овие прашања. Владите и лидерите се избрани за да водат и да носат храбри политички одлуки, а не одлуки кои ќе им донесат само рејтинг во јавноста. Има некои прашања кои што се емоционални. Кога има емоции нема рационалност. Владите не се избрани да се водат по дневно-политичките емоции туку рационално да ја гледаат иднината на народот и државата во наредните 10, 100 години – рече Османи.

Според него, за Планот 3-6-9, кој има за цел деблокада на процесот на евроинтеграциите, но е пред сè обврска кон нашите граѓани за изградба на европско општество, земјата има поддршка од нашите меѓународни партнери, а очекува таков консензус да се постигне и меѓу позицијата и опозицијата.

– Мора да го подигнеме овој интегративен пат на супранационално ниво по примерот на Хрватска каде пред да влезат во ЕУ позицијата и опозицијата се договорија дека ќе се расправаат за другите теми, но не и за евроинтегративниот пат. Тоа е нашата цел планот 3-6-9 да се подигне на супраетничко, супрапартиско, односно на супранационално ниво – рече Османи.

Појасни дека неговата имплементација во, како што посочи, лимитирачки услови на прогласување на избори и летни месеци опфаќа 73 мерки поделени во 11 области од кои најкомплексни се правосудство, избори и Собранието. Сега вели, предизвикот е да се направи систем за мониторирање, имплементирање и информирање, кој е подготвен и за кој денеска ќе разговараат со НВО-секторот. Досега од презентацијата на планот пред 2-3 недели реализирани се, вели, 7-8 мерки.

Од невладиниот сектор, пак, побараа планот 3-6-9 да предвиди и мерки за тоа како Владата ќе соработува со нив, и тоа да не го остава на неформални механизми како што е сега случајот.

– Иако има волја за соработка, ние како граѓански сектор не можеме да си дозволиме тоа да биде оставено на добра волја – рече Ардита Абаз од Институтот за европски политики.

Одговарајќи на новинарско прашање Османи истакна дека изборите ќе бидат првиот тест дали оваа влада е различна, а со оглед дека се работи за краток рок нема да се оди на системски реформи кои бараат промени на закони.

– Главно тоа се мерки за внатрешна консолидација на ДИК, ажурирање на Избирачкиот список и мерки за одвојување на државата од партијата. Тие 11 мерки се предвидени во овој дел за спроведување до одржување на локалните избори – појасни Османи.