Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани: Судскиот совет ќе го врши реизборот на судии

Османи: Судскиот совет ќе го врши реизборот на судии

олитичките партии од новото парламентарно мнозинство и од Владата се за реформи, но нема да прават генерален реизбор на судии. Надлежноста на тоа е само на Судскиот совет, кој е надлежен да ги решава тие работи, порача вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, пред почетокот на заедничката работна средба на Секретаријатот за европски прашања и Министерство за правда, која се одржува во Клубот на пратениците во Скопје.

Тој рече дека претходно погрешно се интерпретирале некои делови од изјавите за реформите во судството.

– Во врска со изјавата дали ќе има или не генерален реизбор на судии, консензуален е ставот на Владата на Република Македонија, на Европската комисија, на телата на Советот на Европа, вклучувајќи и Венецијанската комисија, дека неопходни се суштински реформи во судството. Меѓутоа интерпретирањето дека Владата или политичките партии ќе прават реизбор на судии е погрешна интерпретација. Политиката нема да се меша во судството, ниту да прави резибор на судии. Нашиот став е суштински реформи во судството. Таму каде што се згрешило ќе има мерки, но таа надлежност се дава на Судскиот совет како орган кој врз основа на квалитетативни и квантитативни критериуми ќе донесе одлука. Меѓутоа нема да има мешање на политиката, на Владата, на новото парламентарно мнозинство во тој дел. Судскиот совет во рамки на судството ќе треба да прави суштински реформи – рече Османи.

На состанокот покрај министерот за правда, Билен Салији, и претставници на двете тела, присуствуваат и претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, и претседателот на Советот на јавните обвинители, Петар Аневски.

Говорејќи пред состанокот, Османи посочи дека реформите на правосудството се клучни и мора да се озбезбеди непристрасно, професионално и независно судство.

– Еден од основните услови во делот на политичките критериуми за членство во ЕУ е непристрасно, професионално и независно судство. Тоа не е само за Македонија, туку за секоја земја кандидат. Оттука и новиот пристап на ЕУ преговорите со кандидатите да ги почнуваат и да ги завршуваат со поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на судството и на човековите права. Но, независно од тоа, независен судски систем, без влијание, правда за сите, судии со висок интегритет, ефикасно судство се основни услови за демократски развој на општеството, за развој на економија, за бизнис-климата. Оттука планот „3-6-9“ најголем број мерки има за правосудството, околу 13 – посочи вицепремиерот Османи, појаснувајќи дека целта на денешниот состанок е заедно со претставниците на независните институции во делот на судството да се создаде консензус за потребата за реформи на правосудството.