Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани: Односите меѓу Македонија и Косово се пример за добрососедство и пријателство

Османи: Односите меѓу Македонија и Косово се пример за добрососедство и пријателство

Заменик-претседателот на Владата, кој е задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Македонија, Илбер Хиса.

На средбата беше разговарано за развојот на односите меѓу двете земји, како и за имплементацијата на обврските за продлабочување на добрите односи, преземени на многубројните средби на највисоко ниво остварени изминатиов период. Беа отворени конкретни прашања за унапредување на меѓусебната соработка меѓу Република Македонија и Република Косово, и тоа во насока на конкретни проекти во рамките на регионалните инцијативи за соработка, „конективити“ агендата на Берлинскиот процес, проектите за меѓугранична соработка, конкретни чекори за проектот Белановце-Станчиќ, поврзување на Скопје и Приштина со автопат итн.

„Активностите на Владата се во насока на унапредување на односите со соседите, а во оваа смисла, развојот на односите меѓу Македонија и Косово претставуваат пример за добро пријателство“, истакна Османи на средбата. Соговорниците ја реафирмираа својата заложба за соработка во рамките на регионалните иницијативи, како и интенцијата на двете земји за европските и евроатлантските перспективи на регионот.