Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани очекува конкретни чекори од ЕУ и НАТО за напредокот на Македонија

Османи очекува конкретни чекори од ЕУ и НАТО за напредокот на Македонија

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска во Париз со министерката за европски прашања при Министерството за Европа и надворешни на Франција, Натали Лоазо разговараа за евроатлантските интеграции на Македонија, како и за билатералната соработка меѓу двете земји.

Османи ја информирал Лоазо за текот на спроведувањето на планот „3-6-9“ и посочи дека имплементацијата на првиот, делот 3 е при самиот крај, односно дека останува да се имплементираат само 20 отсто од мерките и оти веќе се работи на тоа. Тој соопшти дека на првиот круг од локалните избори и според оценките на ОБСЕ-ОДИХР минал мирно и со фер услови за натпревар, и изразил надеж дека таков ќе биде и вториот круг.

Вицепремиерот изразил задоволство од досегашната поддршка од Франција за интеграција на земјава во ЕУ и НАТО, како и позитивната улога на земјата во интеграцијата на земјите од Западен Балкан.

– Согласно успешното спроведување на обврските од страна на Република Македонија, очекувам и конкретни чекори од страна на Европската Унија, како и од земјите членки на унијата, кои би биле во насока на зацврстување на европските перспективи на Република Македонија и визибилност во напредокот кон ЕУ и НАТО“ – истакна вицепремиерот.

Османи ги повторил амбициите на Владата, до крајот на годината, на декемврискиот Самит, да биде отстранета условеноста на препораката, натаму позитивен извештај и чиста препорака од страна на Комисијата во Април, наредната година, како и добивање на датум за почеток на преговорите до крајот на наредната година. За ова, Османи побарал и конкретна поддршка од Франција во овој процес, како поддржувач на политиката на проширување на ЕУ, при што посочил дека очекува да ја искористи својата улога во системот на одлучување на Унијата за дополнително да се забрза деблокирањето на процесот.