Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани: Не избрзуваме со заклучоци, ги чекаме сите детали

Османи: Не избрзуваме со заклучоци, ги чекаме сите детали

Република Македонија развива добрососедски односи со сите држави од регионот. Мислам дека новата Влада го покажа тоа и преземаме интензивни активности да ги решаваме отворените прашања со соседите, а не да отвориме нови, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање за заострувањето на односите на Белград кон Скопје.

– Се разбира будно ја следиме состојбата, меѓутоа не би избрзале со заклучоци. Тоа што може е да ја поздравиме изјавата од српска страна односно нивниот официјален став за заштита на пријателските односи и враќање на состојбите во вообичаените рамки, рече Османи на денешната прес-конференција во Владата на Република Македонија.

Прашан дали однесувањето на Србија е поврзано со најавите за кандидирање на Косово за пеием во УНЕСКО, Османи одговори дека не треба да се шпекулира во однос на причините.

– За нас е важно да ги затвораме отворените прашања со соседите. Нема да избрзуваме со никакви одлуки во тој правец, ќе чекаме да се добијат сите детали во однос на тоа прашање. Важно е од двете страни да има позитивна волја да се вратат работите во вообичаените односи, рече вицепремиерот.

Османи посочи дека во комуникација со властите на Косово е добиена информација дека во моментов Приштина воопшто нема апликација за прием во УНЕСКО.

– Тие велат дека во моментов воопшто немаат апликација, така што тоа не е предмет на разговори. Во моментот кога ќе биде побарана поддршка тогаш ќе донесеме одлука, изјави вицепремиерот Бујар Османи.