Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани: ЕК ни даде силна поддршка за реформската агенда

Османи: ЕК ни даде силна поддршка за реформската агенда

вропската комисија даде силна поддршка на реформската агенда на новата Влада на Република Македонија на денешниот 14-ти состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската комисија и македонската држава, потврди заменик-претседателот на македонската Влада, Бујар Османи по состанокот.

Со Комитетот со кој денеска ко-претседаваа вицепремиерот Османи и Џеновева Руиз Калавера, директор за Западен Балкан во Директоратот за преговори за проширување на Еврокомисијата, а на која присуствуваа и министрите Билен Салији и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, заклучено е дека Владата треба да продолжи силно со посветеноста кон реформите со цел одмрзнување на препораката за отворање на пристапните преговори со Европската унија.

– Го започнавме првиот месец од формирањето на новата Влада со посета на Брисел и првиот месец го завршуваме исто така со посета на Брисел. Денеска имавме важна посета и состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација, каде што заедно со министерот за правда и со министерот за информатичко општество и администрација направивме пресек на реализација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација од последниот состанок, соопшти вицепремиерот Османи по состанокот.

Комитет ЕУ и Македонија
Според првиот македонски евроинтегративец, овојпат, македонската Влада заклучила дека овој Комитет ќе биде претседаван на министерско ниво за според него да се покаже посветеноста кон евроинтегративниот процес. Османи додаде дека целиот изминат месец се одвивал во духот на интеграциите и дека сите посети што се случувале, денеска завршија со една ваква важна средба на која според него, македонската делегација ја добила поддршката од Европската комисија во однос на реформската агенда на која Владата планира да се посвети во наредниот период.

– Ние укажавме на нашиот план, на нашиот патоказ три, шест и девет и кои полиња ни се од интерес за првично адресирање, како што се владеењето на правото, безбедносните и разузнавачките служби, фундаменталните права преку зацврстувањето на улогата на Народниот правобранител и голем број други прашања кои ќе треба да ги адресираме во наредниот период. За ова добивме максимална поддршка од Европската комисија и што е ветер повеќе кон нашите крила за да одиме понатаму агресивно во испорачување на резултати што побрзо, а со цел на крајот да добиеме чиста препорака што се разбира, зависно од политичката волја и согласно другите мерки што ги превзема Владата за подобрување на политичкиот амбиент во регионот, но и меѓу земјите-членки, во декември да добиеме и датум за преговори, заклучи Османи.

Инаку, како продолжение на овој Комитет за стабилизација и асоцијација, на 18-ти јули е планиран Совет за асоцијација и стабилизација на Македонија и Европската унија, претставен на највисоко ниво од страна на македонската Влада, а Еврокомисијата се очекува да ја претставуваат високата претставничка Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан.