Wednesday, Apr 24, 2024
HomeАНТИСТРЕСХуманостОпштина Струга одвои 600.000 денари помош за семејствата од опожарените куќи

Општина Струга одвои 600.000 денари помош за семејствата од опожарените куќи

Општина Струга ќе донира 600.000 денари еднократна парична помош за семејствата од изгорените куќи во пожарот што пред десетина дена избувна во старото градско јадро, во сокачето „Нико Нестор“.

Средствата, како што информнира претседателот на Советот Абдула Ќазимоски, ќе бидат наманети за осум објекти, за кои се констатирало дека има оштетувања од пламените јазици. Во пожарот целосно изгореа три куќи, две беа опожарени, но по увидот на стручните служби било констатирано оштетување на уште три објекти.

– Повеќето од куќите беа стари, во некои од нив живееја луѓе, а некои беа напуштени. Некои објекти се повеќе оштетени, некои објекти се помалку и затоа треба да се направи една категоризација. Комисијата треба да направи проценка на штетата и ќе одлучи како ќе бидат распределени парите. Правилно треба да одлучиме кој има повеќе потреба, но се надевам дека ќе докажеме дека сме хумани, рече Ќазимоски.

Дел од изгорените куќи се стари повеќе од еден век и ставени под заштита како стари градби, но, како што нагласи претседателот на струшкиот Совет, никој не се грижел за нив.

– Треба да се санираат штетите и да се поправат старите куќи затоа што сепак е тоа некое наследство кое што треба да се гаи, да се заштити. Денеска луѓето откопуваат некои стари градби за да докажат дека живееле цивилизации, а не кога се работи за објекти кои што може со мали пари, со малку сретства да се направат добри објекти да се сочуваат, да се покаже дека сакаме нашето старо да си го зачуваме, додаде Ќазимоски.

Овој пожар, нагласи, треба да биде причина која ќе ги натера инстититуциите да ја остават политиката на страна и да преземат нешто повеќе за заштита на културното наследство кое говори за автентичноста на градот.