Thursday, Apr 25, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРТеатар,,Oпасни врски" вечерва на ,,Охридско лето"

,,Oпасни врски" вечерва на ,,Охридско лето"

Театарската претстава ,,Опасни врски” на Шодерло де Лакло, во изведба на театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Санкт Петербург, а во режија на Дејан Пројковски вечерва ќе ги задоволи сите љубители на театарската уметност во рамките на фестивалот ,,Охридско лето”

Според критиката „Опасни врски“ од Шодерло де Лакло носи една нова, сосема поинаква естетика во театарот „Вера Комисаржевскаја“. Епистоларниот роман е приказна за љубовта, страста, разочарувањето, прељубата, болката и изневерувањето. Тоа е претстава којашто е доста жестока и сурова, приказна за Валмонт и Мертеј, за двајца луѓе кои поради минатото не можат да ја живеат сегашноста.

Претставата зборува за сложните односи помеѓу мажите и жените…..за вечната борба помеѓу двата пола…ликовите се во постојана потрага по љубовта…постои ли таа…како да ја препознаеме…како да ја задржиме

Поставката на „Опасни врски“ е добитник на Наградата за најдобра претстава и најдобра режија на Меѓународниот театарски фестивал ФИАТ во Црна Гора.

Почетокот е закажан за 21 часот во преддворјето на црквата ,,Света Софија”