Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаОпасни производи со ниски цени, внимавајте што купувате

Опасни производи со ниски цени, внимавајте што купувате

Изминативе два дена во јавноста излезе информација за сокови за деца кои се продаваат по ниска цена, но со квалитет што е крајно спорен. Детски сок, спакуван во колоритна и шаренолика амбалажа, доволно упадлива да ги заинтригира детските очи, посебно оние деца кои се доволно големи да купуваат сами, а недоволно да знаат да оценат што е добро а што не. На чистиот „отров во невина детска амбалажа“, како што беше квалификуван од загрижениот родител, стоеше едвај читко наведена листа на емулгатори и адитиви од различни категории, со силна моќ кон вештачко креирање на вкусот и уште посилно негативно влијание врз здравјето, моториката и когнитивните способности на децата. Најиндикативно кај овој производ беше цената од 5 денари. Цена доволно допадлива за децата, кои не знаат доволно и чија логика достига до заклучокот „помалку значи повеќе за мене“ но исто така и за несовесните, кои без грам совест и скрупули токму ваков производ создаваат и го прават најдостапен.

Кога на тендерите најважен фактор е цената може само да замислиме што нашите деца консумираат а притоа ги едуцираме  за здрава исхрана и здрав начин на живот.

На македонскиот пазар има голема понуда на производи што се различни по цена и секако по квалитет. Според општо прифатеното правило, поголема цена значи и поголем квалитет и спротивно, ниската цена значи нискоквалитетен производ. Но, дали само ценета може да биде мерило за еден производ. Во зависност од потребата и намената, цената може да има различна улога и да претставува различен фактор во вистинската проценка на еден производ. Ако, во малопродажба цената е право-пропорционално поставена со квалитетот на производот, сосема е спротивен пристапот во тендерска набавка, односно секогаш се избираат производи со пониска цена. А секако истите производи што се во нашите маркети, учествуваат токму на овие тендери и еден ден ќе се најдат во нашите училишта, градинки, новогодишни пакетчиња.

Сепак, дали тоа значи дека задолжително треба да ги избираме најскапите производи и дека тие загарантирано ни даваат квалитет. Секако, не! Во создавањето на вистински вреден и квалитетен производ учествуваат многу фактори а нивното  препознавање и следење може да нè одведе до вистинскиот и правилен избор, а тоа е одличен производ со пристапна цена.

Не сите купувачи знаат дека во создавањето на цената на еден производ, компанијата калкулира повеќе варијабли. Пред се, тука е  степенот на квалитет на производот, квалитетот на состојките и суровините што се употребени, амбалажата. Оние фактори што како купувачи не ги знаеме се реномето на самата компанија, историјата, традицијата, инвестициите и колку компанијата вложила во својот технолошки процес, производни сертификати што ги поседува и што го гарантираат квалитетот, колку време е на пазарот и колку се вреднува како капацитет. Сите тие пак придонесуваат кон тоа една компанија преку своите производи да создаде вистински бренд, изграден и познат што е најсигурниот показател за вредноста на производот и она што се крие зад пакувањето.

Додека цената на увозните производи е висока како резултат на транспортни трошоци, царини и маржи, производите од домашните компании ја имаат вистинската вредност. Со традиција што ја создале пред нашите очи, имплементирале глобални знаења, вовеле модерна технологија, постигнале стандарди, секојдневно создаваат квалитет и го пласираат на пазарот со цена прилагодена точно според нашите купувачки можности.

Тоа значи дека квалитетот не е императивно скап, тој е многу достапен и лесно препознатлив, само треба да го побараме меѓу познати имиња, токму од нашата околина, имиња на компании и производи што ги знаеме и со кои сме растеле.