Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОнлајн медиуми пак куртулија од регулација на АВМУ

Онлајн медиуми пак куртулија од регулација на АВМУ

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми ја усвои  методологијата која ќе се применува за набљудување на известувањето на радиодифузерите во предизборниот период и потоа повторно ги прекина надежите дека ќе ги регулира порталите и веб сајтовите со отфрлање на барањето на Македонската медиумска асоцијација.

Претходно кога беше претставена нацрт-методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори кои би требало да се одржат до крајот на годината, петте најголеми телевизии во земјата побараа Агенцијата да го почитува и делот на Законот кој предвидува да се набљудува работата на интернет порталите.

avmu trajcevski

„Кога станува збор за барањето на повеќе заинтересирани страни да се врши мониторинг и на електронските публикации, односно порталите, мораме да кажеме дека Агенцијата не го прифаќа ова барање. Не дека Агенцијата ја избегнува обврската или дека нема стручни капацитети за вршење мониторинг, меѓутоа за да се врши мониторинг на спроведувањето на одредбите од изборниот законик кај електронските публикации неопходни се претходно соодветни законски измени“, изјави директорот на АВМУ Зоран Трајчевски.

Изборниот законик предвидува дека и интернет порталите мора да бидат подложни на идентични проверки како и телевизиите и радио станиците. Методологијата, за која стручните служби во АВМУ велат дека е подготвена врз францускиот модел, предвидува оценување на известувањето на медиумите врз основа на квантитативни и квалитативни оцени. Во квантитативниот дел, методологијата предвидува дека медиумите треба за партиите од опозицијата да издвојат најмалку половина од времето кое ќе биде одвоено за партиите од власта и за носителите на јавни функции.

Емилија Јаневска од Секторот за програмски работи на АВМУ изјави дека не е возможно да се бара издвојување еднакво време за кандидатите на позицијата и носителите на државни функции, од една страна, и за опозицијата, од друга страна, поради потребата на медиумите да известат за дејствувањето на државните институции.

Членови на Советот оценија дека со оваа одредба ќе се постигне зголемена застапеност на опозициските претставници во информативните програми, која ќе биде во пропорција со застапеноста на прилозите со кои се информира за настаните од јавен интерес и активностите на позицијата. Членовите на Советот, исто така, по претходна консултација со стручните служби, прифатија одреден број технички измени на методологијата.

Одбиени беа предлозите периодот во кој ќе се оценува дали медиумите ги кршат правилата за балансираност и правичност да се скрати од десет на седум дена, но беше прифатено барањето бројот „дозволени’ прилози во кои ќе се забележи прекршување на законикот да се намали од десет на пет во подоцнежниот период на изборната кампања.

Не беа прифатени и предлозите да не се бара од медиумите да имаат обврска да постигнат баланс во случаи кога политички партии систематски одбиваат да обезбедат соговорник или да дадат изјава за тој медиум. Избришана е и одредбата дека времето кое медиумите ќе го одвојат за претставници на граѓанските организации кои дејствуваат проопозициски да се брои во вкупното време кое е одвоено за опозицијата.

Во Агенцијата се одржа и средба на членовите на Привремената Комисија за Следење на Медиумското претставување, која треба да го преземе носењето на оценките за тоа дали одредени медиуми ги прекршиле одредбите од изборниот законик на 100 дена пред изборите. Ова тело сé уште не е конституирано во целост и не постигна согласност за избор на неговиот петти член.