Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОМД бара смена на Џафери, попис, заштита на националните интереси

ОМД бара смена на Џафери, попис, заштита на националните интереси

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), како најголема непартиска и невладина организација на македонски иселеници во дијаспората, продолжува со соработка со парламентарното мнозинство и секоја власт во Република Македонија низ транспрентен процес, без разлика на партиска припадност.

ОМД има неколку барања упатени до Зоран Заев, мандатарот за форирање нова влада.

„ОМД бара изградба на граѓанско, а не биполарно етничко општество. Заев ќе треба јавно да се произнесе во Собранието на Република Македонија за националните интереси на Република Македонија да се стават на примарно место и да се работи исклучиво за националениот интерес. За да се постигне ова, еден од влијателните фактори е и поставување на квалитетен, образован и искусен кадар на министерски и клучни позиции, личности без криминално минато. Во тој контекст, поставениот претседател на македонската куќа на демократија, Собранието, поради неговото криминално досие и инволвираност во критични ситуации за Македонија како масакрот кај Вејце, ОМД бара од Собранието, истиот да биде отповикан од позиција и да биде заменет со личност без криминално минато кој поседува висок потенцијал и квалитет за правилно и патриотско извршување на функцијата. Новата Влада да подготви резолуција за усвојување во Собранието на Република Македонија, за неприфаќање на никаков разговор за идентитетски прашања во наметнатиот спор со Грција и за отфрлање на можноста за консултирање на граѓаните. ОМД е со цврст став дека името, идентитетот, јазикот, културата и националните обележја се историско наследство на македонскиот народ и сегашната генерација и нејзините политички гарнитури немаат ниту авторитет ниту кредибилност за евентуална промена на истите“ – велат од ОМД.

Бараат и итно спроведување на попис согласно стандардите на Европската Унија.

Понатаму, заштита на правата на македонското малцинство во соседните држави, штитење на македонскиот идентитет, правото на јавно општествено здружување, зачувување и образование на македонски јазик и негување на македонската култура.

„Воспоставување на загарантиран безусловен реципроцитет за заштита и почитување на национално малцинство во соседна држава. Формирање на Министерство за дијаспора кое ќе се грижи за состојбите на македонското малцинство во соседните држави и за македонската емиграција во светот. Кадровската политика во Министерството за надорешни работи и Министерството за дијаспора да се реализира исклучиво преку назначување на докажани и искусни професиналци од дипломатската мрежа на МНР, и декларативна гаранција за неназначување на партиски кадровски решенија во дипломатските преставништва. ОМД бара отворање на конзуларни преставништва во Лос Анџелес и Мајами во САД, Перт и Сиднеј во Австралија и во европските градови со значително македонско население. ОМД предлага да се разгледаат можности за овозможување на електронско гласање на дијаспората при кое ќе се гласа за личност/и кој/кои би го претставувале гласот на дијаспората во Собранието и ќе ги презентираат и застапуваат барањата на дијаспората“ – додаваат од ОМД.

ОМД заедно со партнерските организации на Македонците во дијаспората, стои на располагање на македонските институции за реализација на горенаведениве точки за просперитетна, успешна, демократска, суверена, унитарна и граѓанска Македонија“, додаваат од ОМД.