HomeДЕНЕШНАСветОктоберфест во сенката на тероризмот

Октоберфест во сенката на тероризмот

Повеќе полицајци, високи огради и строги контроли – на годинешниот Октоберфест е поинаку од вообичаено. Но, на посетителите тоа очигледно не им пречи – пишува Дојче Веле.

По почетокот на Октоберфест не е лесно да се излезе од метро станицата Theresienwiese („Полјана на Тереза“) во центарот на Минхен. Сепак, тоа е некако разбирливо. Но, овој пат причината за гужвата не е големиот број на луѓе кои доаѓаат на фолклорниот фестивал, туку фактот дека во областа „Полјана на Тереза“, каде што се одржува Октоберфест, веќе не може да се пристапи од сите страни како што беше возможно претходните години.
oktoberfest1
Нов концепт за безбедноста на Октоберфест доведе до тоа целиот простор каде што се одвива националната прослава да биде заграден, а посетителите да се пропуштаат само на одредени места. Ова е прв Октоберфест по терористичките напади во Брисел, Париз, Ница и Вирцбург. Ова е првиот Октоберфест, националната прослава која годишно привлекува повеќе од шест милиони посетители од целиот свет, откако исламистичкиот тероризам се појави и во Германија. Всушност тоа е причината зошто се воведени досега невидени безбедносни мерки. На својата кожа, истото го чувствуваат и посетителите Зигфрид Нирнберг и Сара Шмит кои чекаат во долгиот ред пред гардеробата. Тие мора да ги остават своите капути таму, затоа што влезот со поголеми и наполнети торби, оваа година на Октоберфест е забранет. „Тоа ми оди на нерви и многу е комплицирано“, вели Зигфрид. “Но, тоа е разбирливо, после сите овие напади”, додава Сара.

Сеќавање на 1980. година

Октоберфест веќе беше цел на терористички напад. Речиси секој жител на баварската метропола кој ја надминал старосната граница од 50 години, се сеќава на 26 септември 1980 година. Тогаш, десничарскиот екстремист Гундолф Келер постави бомба од чија експлозија загинаа 13 посетители. Денешните посетителки Инге, Карин и Каролин добро се сеќаваат на нападот. “Тоа беше вистински шок за целиот град, но и покрај тоа, по неколку дена повторно бевме на Октоберфест”, вели Карин. Трите пријателки за овогодинешниот Октоберфест се облечени според правилата, во женската баварска носија наречена „дирндл“ и соодветни фризури. Пушејќи ја последната цигара тие се спремаат да влезат на Октоберфест каде што пушењето е строго забрането. На дамите од Минхен, кои веќе 40 години доаѓаат на фестивалот тоа не им смета. “Октоберфест секогаш наоѓа начин да продолжи понатаму “, велат тие. И по 1980 година, неколку дена по нападите во Њујорк во 2001 година и во 2009 година, откако Ал Каеда во видео порака директно се закани со напади во Германија. Тогаш властите воведоа ограничување за движење во неколку зони околу Октоберфест.
Полиција и камери

Тоа што полицијата е присутна насекаде, не е ништо ново. Ново е тоа што има многу повеќе од вообичаено, 600 службеници. Освен тоа има и 29 камери. „Веднаш ви паѓа во очи колку многу полицајци има тука“, вели Денис Хефнер, која заедно со нејзиниот сопруг Мајк допатувала од САД. Но, на гостите од Вајоминг, полицијата не им пречи. Нејзиниот сопруг Мајк додава: „Не смееме да им дозволиме на терористите да го променат нашиот начин на живот“. Истото го велат и сопствениците на шаторите со пиво. “Ние ја прифаќаме одлуката на сите оние кои од страв не доаѓаат на Октоберфест.
oktoberfest2
Но, во исто време смееме да дозволиме на тој начин да ни ја скратат веселбата“, вели шефот на шаторот Марстал, Зигфрид Абл. Траудл Бек и Терезија Хелгерт на својот штанд продаваат переци. Тие не ја сфаќаат поентата на строгата контрола на влезот на фестивалот. „Ако некој се решил да изврши напад, контролата нема да го спречи“, вели Траудл Бек. Поради тоа, таа и нејзините колешки делуваат опуштено. Насмеани, тие велат дека не се плашат, бидејќи „секако не можат ништо да променат“. Но, таквата опуштеност на ја делат сите… Тоа беше видливо кога официјално се отвори фестивалот Октоберфест – придружен со експлозии на петарди. Многу од посетителите, седнати на дрвените клупи, нервозно гледаа наоколу. „Тоа се само петарди“ ги смируваше продавачката Терезија. Но, без оглед на се, криглите го наоѓаат својот пат до големите маси. На сите присутни, во ушите им одекнува пораката на градоначалникот на Минхен, кога официјално ја отвори прославата: „ На сите ви посакувам мирен Октоберфест“. Оваа традиционална изрека, оваа година има многу посилно значење од вообичаено.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com