Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОЈО води шест истраги поврзани со локалните избори

ОЈО води шест истраги поврзани со локалните избори

Основните јавни обвинителства во Битола, Кочани и во Скопје почнале предистражни постапки за шест случаи за извршени кривични дела поврзани со изборниот процес.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, еден од случаите е во Основното јавно обвинителство Битола, два се во ОЈО Кочани и три во ОЈО Скопје.

„Делата за кои се водат постапките се однесуваат на поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик, злоупотреба на избирачко право од член 161 од КЗ и на изборна измама од член 165 од Кривичниот законик“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Основните јавни обвинителства работат и на други седум настани, за кои добиле известувања од Министерството за внатрешни работи или пријави од граѓани и други надлежни институции, за кои постои сомнеж дека се со елементи на извршени кривични дела.

– Во текот на изборниот ден, во Основните јавни обвинителства , како и во Комисијата за следење на изборни нерегуларности и преку електронската адреса izbori@jorm.gov.mk пристигнати се бројни известувања. Во голем дел од пристигнатите известувања не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност и кои се предвидени во глава 16 од Кривичниот законик. За другите известувања, јавните обвинители преземаат дејства во предистражна постапка за да се утврди постоење на кривичното дело и кој е сторителот – изјави претседателот на привремената Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.