Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаOJO поднесе предлог обвиненија за деветмина за собраниските инциденти – двајца остануваат во притвор

OJO поднесе предлог обвиненија за деветмина за собраниските инциденти – двајца остануваат во притвор

Против девет лица, кои учествувале во нередите во Собранието на Република Македонија е поднесен Обвинителен предлог – соопшти денеска Основното јавно обвинителство – Скопје. Оттаму велат дека осомничените се товарат за сториле кривично дело Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 став 1 од Кривичниот законик.

За две од лицата за кои е поднесен Обвинителниот предлог, надлежен обвинител поднесе и Предлог за продолжување на мерката притвор.

За едно лице кое досега беше во притвор, јавниот обвинител кој постапува во предметот ценеше дека има простор за ублажување на предложената мерка , па поднесе предлог за определување на мерка Куќен притвор.

За едно лице на кое му беше определена мерка на обезбедување Куќен притвор, според обвинителството законските основи за нејзиното продолжување постојат, па оттука до надлежниот суд достави и предлог за продолжување на мерката Куќен притвор.

За едно лице согласно на оценката на Основното јавно обвинителство Скопје, не е побарано продолжување на мерката Притвор. За истото во сила остануваат веќе определените мерки на претпазливост.

За четири лица кои досега се наоѓаа во притвор, според надлежниот обвинител, прибрани се релевантни докази и не постои опасност осомничените да попречат во постапката. Но обвинителството ценеше дека се уште има потреба од обезбедување на присуството на осомничените. Затоа, до судот е доставен предлог за определување на мерки на претпазливост за четворицата осомничени.

Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека за три лица за кои МВР поднесе кривична пријава, донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава. Имено, за две од нив била извршена погрешна идентификација, а за едно од лицата воопшто не е утврдено дека презело дејствија кои имаат елементи на сторено кривично дело кое се гони по службена должност.

Дополнително, Основното јавно обвинителство – Скопје во насока на информирање на јавноста и појаснување на текот на кривичната постапка, а особено поради бројните шпекулации изнесени во однос на правната квалификација ја известува јавноста дека согласно законот, правната квалификација за сторено кривично дело ја дава јавниот обвинител кој при тоа се раководи од доказите што се прибрани до тој момент. Тоа значи дека доколку дополнително се пронајдат нови докази кои укажуваат дека определено лице извршило друго кривично дело, јавниот обвинител во текот на целата постапка може да изврши преквалификација или лицето да го гони и за други кривични дела.

Основното јавно обвинителство Скопје продолжува непрекинато со прибирање на сите релевантни докази и сослушување на сите лица инволвирани во настанот, но при тоа исклучително внимавајќи на заштитата на човековите права и пресумпцијата на невиност, а особено поаѓајќи од фактот што во два случаи беше извршена погрешна идентификација на лица. Правната квалификација на сторено кривично дело мора да се заснова само врз основа на докази.​