Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОЈО му го достави „Сопот“ на СЈО

ОЈО му го достави „Сопот“ на СЈО

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција одлучи случајот „Сопот“ да го достави до Специјалното јавно обвинителство. Оваа одлука е донесена од страна на Колегиумот на јавни обвинители, соопштија денес од Јавното обвинителство.

СЈО го побара случајот „Сопот“ уште пред неколку месеци, но тој беше заглавен на релација ОЈО и Совет на јавни обвинители. Обвинителството за гонење на организиран криминал побара мислење од Советот дали да го достави овој предмет до Катица Јанева, со оглед на тоа дека настанот се случил во 2003 година, а СЈО е надлежно за кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори во периодот од 2008 до 2015 година.

Советот на јавни обвинители на чело со Петар Аневски неколку месеци не донел никаква одлука и вчера го известил Јавното обвинителство дека „ќе треба самостојно да одлучи дали наведениот предмет ќе го достави до СЈО.

„На Колегиумот на јавни обвинители се заклучи предметот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција познат во јавноста како „Сопот“, што е во фаза на првостепена судска постапка пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје, со неговите списи, да се достави до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за да истото се произнесе дали врз него ќе воспостави надлежност“, велат од Јавното обвинителство.

Предметот до ова СЈО е доставен денеска.

За случајот беа обвинети единаесет жители на кумановското село „Сопот“, за убиство на двајца НАТО војници од полскиот контингент и еден македонски цивил кои загинаа од поставена мина. Осудените се надеваат Специјалното јавно обвинителство ќе биде покрене нова истрага, која може да ги ослободи од обвиненијата.