Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОЈО формираше Комисија за следење на изборни нерегуларности

ОЈО формираше Комисија за следење на изборни нерегуларности

Јавното обвинителство на Република Македонија формираше привремена Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности за претстојното спроведување на локалните избори, закажани за 15 октомври 2017 година, јавува „Мета“.

Комисијата ќе треба да постапува по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење на кривични дела од глава 16 од Кривичниот законик – кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.

За претседател на Комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија. Членови на комисијата се обвинителите Наталија Тасевска, Димче Пажески, Анита Поп-Методиева, Вјолца Елмази и Наташа Гоџоска.

Комисијата ќе има задача да ги следи сите дневни настани од државата поврзани со процесот на организирањето и на спроведувањето на локалните избори. За тие настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство.

– Јавното обвинителство на Република Македонија, преку Привремената комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности, ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.gov.mk – изјави денеска претседателот на Комисијата, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.