Thursday, Apr 18, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМузикаОфицијално: Русија нема да настапува на Евровизија

Официјално: Русија нема да настапува на Евровизија

Рускиот телевизиски Канал 1 соопшти дека нема да врши пренос на фестивалот за Песна на Евровизија, што идниот несец се одржува во Киев, затоа што украинските власти не и дозволија на руската натпреварувачка, пејачката Јулија Самоилова, да допатува во Украина. Во соопштението на Европската федерација за радиодифузија (ЕБУ) што уследи веднаш потоа, се вели дека тоа значи оти Русија „дефинитивно нема да учествува“ на годинешното натпреварување на евровизиската песна.

ЕБУ ја осуди забраната што ја донесоа украинските власти, објаснувајќи дека таквото решение го „поткопува неполитичкиот карактер“ на ова музичко натпреварување, но Федерацијата вели дека евровизискиот фестивал, сепак, ќе се одржи во Киев, како што тоа беше и предвидено. Спорот настана кога властите на Украина ја прогласија руската пејачка Самоилова за „непожелна личност“, затоа што настапила на еден концерт во Крим, во 2015 година.

По анексијата на полуостровот од страна на Русија, во март 2014 година, властите во Киев воведоа „казнување“ за сите кои ќе ја посетат територијата на Крим, директно од Русија, а не преку украинската територија, затоа што тоа го сметаат како акт на прифаќање и одобрување на анексијата.

ЕБУ кој е организатор на Евровизизискиот фестивал се обиде да посредува меѓу Киев и Москва, предлагајќи Самоилова да пее преку сателит, од Москва или Русија да определи нов натпреварувач. Двата предлога Москва не ги прифати.

Каналот 1 изрази жалење поради ваквата ситуација, посочувајќи дека Јулија Самоилова која од дете е во инвалидска количка, во песната избрана за фестивалот, пее за надминување на поделеноста и разликите во светот.

Киев и Украина се одново домаќини на Евровизија, по минатогодишната победа на пејачката Јамала, со политичката песна за депортацијата на кримските Татари, во текот на Втората светска војна, што ја има наредено советскиот лидер Сталин.