Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаОдземена лиценцата на гинекологот што лажеше пациентки дека се трудни

Одземена лиценцата на гинекологот што лажеше пациентки дека се трудни

Судот на честа при Лекарската комора му ја одзема лиценцата на гинекологот Никола Дамчевски на седум години, неофицијално дознава „Фокус“.

Според информациите на „Фокус“, пред неколку денови членовите на судот на честа при Лекарската комора донеле одлука да му ја одземат лиценцата на Дамчевски, кој во изминатиот период како што објавија медиумите излажал повеќе пациентки дека се бремени.

Неофицијално, гинекологот се уште го нема добиено официјалното решение дека му е одземена лиценцата. Според процедурата, откако ќе го добие, има рок од две недели за жалба до второстепената комисија на Лекарската комора, и ако и во тој случај му биде одбиена жалбата, тогаш доколку повторно се жали, последната одлука ја носи Собранието на Комората кое брои 69 члена.
Одземањето на лиценцата на Дамчевски во период од седум години е најстрогата „казна“ што можел да ја добие гинекологот од Лекарската комора, бидејќи тоа е максималниот рок што еден лекар може да го добие како забрана за вршење на лекарската дејност без донесена судска пресуда.

Дамчевски последната година беше вработен на скопската Клиника за Гинекологија, од каде што е суспендиран. Основното јавно обвинителство против него покрена обвинение.