Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаДали Лекарската комора конечно ќе ја одземе лиценцата на докторите-алкохоличари?!

Дали Лекарската комора конечно ќе ја одземе лиценцата на докторите-алкохоличари?!

Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора на Македонија отвори постапка за оценување дали има основ за привремено или трајно одземање на лиценцата за работа на двајцата доктори од ЈЗУ Општа болница Гевгелија.

Од Комисијата на седница го разгледале известувањето од Министерство за здравство во врска со случувањата во ЈЗУ Општа болница Гевгелија со кое се бара да се утврди дали, согласно Законот за здравствена заштита, има основ за привремено или трајно одземање на лиценцата за работа на двајцата анестезиолози поради утврдено присуство на алкохол во крвта при вршење интервенција при кој почина родилка и нејзиното бебе, ја разгледа доставената документација и едногласно оценија дека не може да се одлучува без претходно да се добијат извештаите од извршениот вонреден стручен надзор на Министерството за здравство, изјавите на сите инволвирани субјекти, судско медицинското вештачење и други документи релевантни за овој случај од надлежни институции.

Комисијата за етички и правни прашања, стои во соопштението, побара за овој случај да се произнесе и Судот на честа при Лекарската комора на Македонија.

Членовите на Комисијата, како што заклучија на денешнава седница, постапуваат согласно своите овластувања, но за конкретниот случај им е неопходна целосна документација.

Согласно законските одредби, Лекарската комора на Македонија може привремено или трајно да одземе лиценца за работа врз основа на судско правосилно решение за забрана на вршење дејност или професија, во случаите кога има повреда на Кодексот на медицинската етика утврдено од страна на судот на честа при Лекарската комора на Македонија, правосилна судска одлука за сторено кривично дело поврзано со вршење здравствена дејност и правосилна судска одлука за сторен стручен пропуст или грешка при работа со што предизвикал трајно нарушување на здравјето и смрт на болниот, стои во соопштението.