Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаOдржувањето на локалните избори зависи од одлуката на Уставниот суд, смета Арифи

Oдржувањето на локалните избори зависи од одлуката на Уставниот суд, смета Арифи

Потпретседателката на ДУИ, градоначалничка на општина Тетово, Теута Арифи, изјави дека за разврска на политичката криза најважно е да се избере претседател на Собрание. Таа не ја исклучува можноста за лидерска средба, нагласувајќи дека „ДУИ никогаш не бегала од средби, било да се лидерски или на други нивоа“.

– Најважно е да се избере претседател на Собрание. ДУИ никогаш не бегала од средби, било да се лидерски или на други нивоа, но, како и да е, треба да се избере претседател. За државата не е добро да има преседани од страна која поради некои причини не е во мнозинството, со што се блокира еден процес. Мислам дека ние мора да излеземе од тој преседан, да се формираат институциите и во рамки на тие институции да се разговара и да се најдат решенија за излез од политичката криза – изјави Арифи.

Таа рече дека одржувањето на локалните избори сега зависи од одлуката на Уставниот суд, до каде има поднесено иницијатива за пролонгирање на рокот на ингеренциите на градоначалниците, доколку нема одлука за распишување на локалните избори.

– Кога имате една цела уставна криза, кога Собранието не носи закони, кога Владата е административна, во една таква ситуација ќе биде уште покомплексно со општините. Важно е да се има датум за изборите, не може ова да биде бесконечно и ќе чекаме како ќе одлучи Уставниот суд. Треба ова да заврши, да се знае и датумот за изборите, за да немаат граѓаните проблеми, но и админстрацијата – вели Арифи.

Мандатите на градоначалниците и на општинските совети завршуваат на 14 мај.