Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАРегион„Одметниците“ од Сириза ќе добијат мандат за формирање нова влада

„Одметниците“ од Сириза ќе добијат мандат за формирање нова влада

Новата партија Народно единство, формирана од 25 одметнати пратеници на владејачката коалиција на Сириза, ќе го добие мандатот за формирање нова влада од грчкиот претседател Прокопис Павлопуло, пишува весникот Kathimerini.

Макфакс пренесува дека челникот на новата крајно левичарска партија, Панајотис Лафазанис, еден од тврдите бунтовници од Сириза, кон средината на јули беше сменет од функцијата министер за енергетика, кога заедно со уште 30 пратеници гласаше против предлог-законот за реформите, изјави дека ќе ги искористи ефикасно сите три дена коишто според уставот му стојат на располагање, за да се обиде да формира влада со други парти во парламентот.

Меѓутоа, Лафазанис признава дека постојат доволно сериозни разлики со другите партии во врска со најгорчливиот проблем, односно поради гласањето за третиот пакет меѓународна финансиска помош за земјата, кој подразбира дополнителни мерки за штедење и реформи.

„Не постојат никакви можности за соработка“, пишува весникот цитирајќи го Лафазанис.

Пратеничката група на новата партија Народно единство што ја води Лафазанис стана трета по бројност во грчкиот парламент, зад левичарската Сириза и конзервативната Нова демократија. Според него, не постојат никакви шанси во овој момент да се добие поддршка до 151 пратеник во грчкиот парламент кој има 300 мандати, за да може да биде формирана коалициона влада.

Претходно, челникот на најголемата опозициска партија од десниот центар Нова демократија, Вангелос Меимаракис, не успеа да го искористи тридневниот рок за договор со евентуалните коалициски партнери.

Според грчкиот устав, трите најголеми партии добиваат по три дена да се обидат да состават нова коалициска влада, доколку владата поднесе оставка во рок од 12 месеци. Ако тие разговори не дадат резултат, а речиси сигурно е дека во случајов тоа ќе се случи, претседателот Прокопис Павлопулос именува вршител на должноста премиер и распишува избори.

Меѓутоа, според Kathimerini, претседателот може да ѝ предложи формирање влада и на неонацистичката партија Златна зора, чиишто челници се под истрага и за која во судот се води процес во кој може да биде прогласена за злосторничка организација одговорна за убиства, насилства и ширење омраза.

Премиерот Алексис Цирпас во четвртокот ја поднесе оставката на неговиот кабинет што отвори простор за одржување предвремени избори, со амбиција да ја зацврсти својата власт, само седум месеци по доаѓањето на власт со предвремените избори од 25-ти јануари. Неговите желби, како и на дел од домашната јавност и на меѓународната заедница, изборите да се одржат што поскоро на 20-ти септември, за да нема застој во исполнувањето на договорот за новата програма за финансиска помош на Грција во износ од 86 милијарди евра.