HomeДЕНЕШНАПолитикаОдложено судењето за насилството пред општина Центар, адвокатот на Груевски зафатен

Одложено судењето за насилството пред општина Центар, адвокатот на Груевски зафатен

sjo sud

Судското рочиште по обвинението на СЈО за насилствата во Општина Центар е одложено од 21 ноември за 16 декември, 5 дена по изборите, по барање на Никола Додевски, адвокатот на еден од обвинетите, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пренесува Мета.

Кривичниот суд информира дека адвокатот Додевски писмено побарал од Основниот суд Скопје 1 да се одложи рочиштето затоа што бил спречен да присуствува поради настан на кој бил поканет пред да ја добие поканата за закажаната главна расправа.

„Адвокатското друштво Никола Додевски со писмен поднесок го извести Основниот суд Скопје 1 – Скопје дека адвокатот Никола Додевски, бранител на М.Ј., е спречен да присуствува на закажаната главна расправа бидејќи истиот е организатор и ќе учествува на дводневна работилница за имплементација за Законот за одмерување казни, организирана од Адвокатската комора на Р.М., Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје и Бирото за меѓународна борба против наркотиците и спроведување на законите“, соопштуваат од судот.

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи на средината на септември на прес-конференција ги презентираше првите две обвиненија на СЈО, едното за уништување документација поврзана со опремата од нелегалното прислушување, а второто за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.

За насилствата пред Општина Центар на обвинителна клупа треба да седнат актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com