Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОдложено судењето за „Тотал“ и Латас бара да се снимаат рочиштата

Одложено судењето за „Тотал“ и Латас бара да се снимаат рочиштата

Судењето за случајот „Тотал“ на СЈО е одложено откако адвокатите на Драган Павловиќ – Латас, обвинет во случајот, побараа судот да ги снима тонски и визуелно сите судски рочишта, за, како што посочија, да се отстрани каков било сомнеж.

Адвокатите рекоа дека имаат забелешки на записникот од првото рочиште, кое се одржа пред два дена, истакнувајќи дека во него нивните зборови не биле доследно интерпретирани.

Претходно судијката Софче Гаврилова-Ефремова по барање на адвокатите на Павловиќ одлучи да не дозволи новинарските екипи во судницата да направат инсерти од денешното рочиште. Дозволено беше снимање само на обвинителите на Специјалното јавно обвинителство.

Судијката Гаврилова-Ефремова укажа дека капацитетот и можностите на судницата се тие, дека таа суди во мала судница и дека единствено големата судница со број еден во Кривичниот суд е таа што може да обезбеди услови сите да може да седат и целиот судски процес да се снима.

Таа додаде дека откако ќе направи проверка за слободен термин, ќе го соопшти датумот за кога ќе биде закажано ново рочиште.

Драган Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 година заедно со правните лица „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје, со намера да одбегне плаќање даноци, во завршните сметки и во даночните пријави давал лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121.000 евра, а осомничениот за 63.000 евра.