Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОдложено судењето на Слободан Богоевски

Одложено судењето на Слободан Богоевски

Основниот суд Скопје 1 за 5 септември го одложи судењето по тужбата за клевета и за навреда на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на Муса Џафери, против поранешниот разузнавач Слободан Богоевски за негово сведочење пред Окружниот суд во Њујорк.

На рочиштето бил сослушан нотарот пред кого Слободан Богоевски го дал сведочењето. Нотарот се повикал на доверливост и тајност на податоците кои биле изнесени во сведочењето, во согласност со етичкиот кодекс на нотарите.

– На ова рочиште се одлучуваше за месна и стварна надлежност на македонските судови и иако веќе половина година за тоа се одлучува, и денеска не се одлучи. Следното рочиште на 5 септември ќе биде подготвително рочиште и ќе се постапува по доказите – изјави адвокатот на Богоевски, Валентин Зафиров.

До следното рочиште судот треба да ги разгледа тезите на тужителите и на одбраната.

Во овој случај Али Ахмети и Муса Џафери го тужат за клевета и за навреда Богоевски и бараат отштета од 3 милиони денари, односно 2,5 милиони денари.

Слободан Богоевски пред окружниот суд во Њујорк изјави дека Али Ахмети, Муса Џафери и Владо Бучковски, кој во тоа време беше премиер, од тогашните директори во „Маѓар телеком“ примиле поткуп од 2,5 милиони евра за да обезбедат гаранција дека на македонскиот пазар нема да влезе друг телекомуникациски оператор.