Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОдбиена жалбата на СЈО – Кочан ќе се брани од слобода

Одбиена жалбата на СЈО – Кочан ќе се брани од слобода

Кривичниот совет ја одби жалбата на Специјалното јавно обвинителство и го потврди решението на судијата на претходна постапка кој не го прифати предлогот на СЈО за притвор на Кочан. Така, осомничениот бизнисмен Сеад Кочан останува на слобода. Кочан даде гаранција од 900.000 евра за да може да се брани од слобода, а рокот за жалба тече.

Обвинителите на СЈО, Гаврил Бубевски и Артан Ајро на вчерашното рочиште ги изнеле аргументите дека постојат индиции Кочан да го повтори делото. За нив високата парична гаранција и одземениот пасош не се доволна гаранција. Можно е СЈО повторно да побара притвор. Бубевски, пред да влезе на расправата изјави дека доколку Кривичен ја одбие жалбата тоа е конечна одлука, но бидејќи се работи за процесни одлуки и ако постојат нови причини можат повторно да предложат мерка притвор.

Одбраната на Кочан смета дека висината на гаранцијата е доказ дека осомничениот нема да го повтори делото. Адвокатот на Кочан, Никола Додевски не разбира зошто СЈО инсистира на притвор. Тој рече дека ова е „најголема гаранција дадена за некој случај“ и дека „во правната наука, на пример во САД, ако се даде толку голема гаранција, а некој да бара притвор и повлекување на гаранцијата само за да го претвори притворот во казна не е сфатливо“.

Бирото за јавни набавки во четвртокот на 18 мај објави дека компанијата на Сеад Кочан „Трансмет“, чии што сметки се блокирани на барање на СЈО, повторно добила тендер кај ЕЛЕМ.