Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОдбележани 16 години од убиството на тројцата полицајци во Арачиново

Одбележани 16 години од убиството на тројцата полицајци во Арачиново

Одбележани 16 години од убиството на тројцата полицајци кај Арачиново. Родителите и најблиските денеска им оддале помен на три различни скопски гробишта.

Инспекторот Ерол Готак и полицајците Кирил Петрушевски и Ацо Ангеловски беа убиени на 16-ти јануари 2000-та. Во акцијата за откривање на украдени луксузни автомобили, учествувше и испекторот Горан Новковски кој го преживеа нападот.

На првото судење на кое имаше 7-мина обвинети, скопскиот суд донесе ослободителни пресуди поради недостаток на докази. Апелациониот суд ја поништи пресудата и го врати процесот на почеток, но се уште нема разврска. Првообвинет е Лирим Динарица кој во истрагата го опишал во детали убиството, но потоа ја обвинил полицијата дека го принудила да сведочи.

За убиството исто така се обвинети Бајрам Муча, Емрула Емрулаи и Рамиз Асани кој е во затвор со доживотна казна за друго убиство. Двајца од обвинетите на првото судење, во меѓувреме беа убиени во други криминални пресметки. Наредното рочиште на вториот судски процес за убиството на тројцата полицајци е закажано за 15-ти февруари.

По 16 години, родителите на тројцата убиени полицајци најавуваат дека правдата ќе ја бараат на судот во Стразбур.
– Немаме доверба во македонското судство и во обвинителството и по 16 години трпеливо чекање одлучивме правдата да ја бараме пред меѓународниот суд во Стразбур, изјавил за Телма Берзат Готак, чиј син Ерол Готак беше убиен на влезот на Арачиново во 2000-та година.