Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионOдбележана годишнина од немирите во Косово – Тачи се срами поради антисрпските манифестации

Oдбележана годишнина од немирите во Косово – Тачи се срами поради антисрпските манифестации

Официјални претставници на Србија и Срби од Косово, ја одбележаа годишнината од етничките немири кои се случија во март 2004 година во Косово, кога животот го загубија 19 лица, а повеќе илјади ги напуштија своите домови. На 13-годишнината од немирите кои се случија на Косово, официјални претставници на Србија и локални Срби од Косово, присуствуваа на церемонијата одржана во петок во манастирот во Грачаница и положија цвеќе на споменикот на исчезнатите лица – пренесува BalkanInsight.

На комеморацијата, заменикот директор на Канцеларијата за Косово и Метохија, Љубомир Мариќ, изјави дека Србите се решени да останат на Косово.

„Денес сме посложни отколку било кога досега, имаме отворена поддршка од државата Србија, Владата на Република Србија, никогаш повеќе да не се случат погроми, бури и останати злосторства“, изјави Мариќ, објави Радио Телевизија Србија (РТС).

Според извештајот на ОБСЕ, во насилните немири од 17 и 18 март 2004 година, беа убиени 19 лица (11 Албанци и 8 Срби), а повеќе од 900 беа повредени (вклучувајќи и 65 меѓународни и 58 косовски полицајци). Повеќе од 50.000 лица, и Албанци и Срби, учествуваа во немирите. Освен повредени и убиени, беа запалени и многу српски православни цркви, а неколку илјади лица беа принудени да ги напуштат своите домови.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, пред годишнината на настаните, во четвртокот, изјави дека се срами од настаните од март 2004 година, затоа што тоа било непотребно и го посрамотило Косово.

„Во традицијата на Албанците не е загрозување на културно историските споменици, загрозување на имотите, палење на куќите, загрозување на децата, жените и постарите лица. Такви дела секогаш ќе бидат казниви. Навистина не сакам ова никогаш да се повтори“, им рече Тачи на српските новинари во селото Чаглавица во близина на Приштина, пренесува Радио Телевизија Косово.

До насилствата дојде по проширувањето на информацијата дека три момчиња од албанска националност, кои пред тоа наводно биле нападнати од Срби, се удавиле во реката Ибар во Митровица. Србите негираа дека биле вмешани во овој настан.

Меѓународните судови во Приштина процесуираа неколку лица, за уништување на православните цркви, осудувајќи ги на затворски казни од 21 месец до 16 години.

Кога, во март 2004 година, на Косово еруптираше насилството, во Србија беа нападнати неколку пекари и други продавници, во сопственост на Албанци. Демо Бериша, претседателот на Здружението на Албанци во Нови Сад, вели дека секоја година, на годишнината, Албанците во Србија се срамат, но и се плашат дека нешто може да им се случи.

„Јас сум против било какво насилство, депортација на луѓето кои живееле некаде со векови и јас го осудувам (насилството од 2004)“, изјави Бериша за БИРН.