Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОд 365 дена во годината, во Скопје 139 дена веќе имало загаден воздух

Од 365 дена во годината, во Скопје 139 дена веќе имало загаден воздух

Жителите на Скопје во сите делови каде се мери квалитетот на воздухот веќе ги надминале максимално дозволените денови во кои може да бидат изложени на високи концентрации на ПМ10 четичките во воздухот. На прагот на зимата, кога загадувањето на воздухот е присутен скоро секој ден, скопјани во 10-тe изминати месеци веќе дишеле загаден возух над дозволените максимални вредности меѓу 79 и 139 денови, пишува „Нова ТВ“.

Податоците на Министерството за животна средина покажуваат дека најмногу или 139 денови со загаден воздух и концентрација на ПМ10 честичките во воздухот имало во Гази Баба, кај Ректорат 135, Лисиче 101, Карпош 92 и Центар 79 денови.

Максимално дозволените концентрации се 50 микрограми на метар кубен, а концентрациите во зимските месеци достигнувале и над 500 микрограми на метар кубен.

Од почетокот на овој месец, кој според статистиките на Министерството, влегува во најзагадените во годината заедно со декември и јануари, веќе концентрациите на ПМ10 честичките се зголемуваат и достигнале над 300 микрограми на метар кубен.

Честичките се канцерогени и причина за болести и смртност до 30 проценти од населението

Честичките со дијаметар помал од 10 микрограми може да продрат длабоко во респираторниот систем на луѓето и се едни од најштетните загадувачки супстанции во воздухот.

Последните објавени податоци покажуваат дека загадувањето на воздухот е причина за разболување на 30 проценти од жителите на главниот град, а тоа е и причина за смрт на 20 до 30 проценти од населението.

Според професорот Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје на Македонија овие бројки може да се намалат со заедничко вклучување на државните структури на локално и на централно ниво, но и подигање на свеста на граѓаните.

– Ваквите бројки, вели тој, треба да не мотивираат на акција, но и со нивно следење да може да се процени успешноста на преземените мерки, бидејќи ако на годишно ниво во Скопје имаме смртност на пет илјади лица, нашите проценки се дека од 1.000 до 1.050 се последица на аерозагадувањето. Двесте лица од истата причина починуваат во Битола, 100 во Тетово…, што значи од 20 до 30 проценти од смртноста на населението отпаѓа на последица на аерозагадувањето рече Ѓорѓев на конференција за загадувањето организирана во Тетово.

Како да се справиме со загадувачите

Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и заменик министерот Јани Макрадули денеска ќе одржат состанок за координирање и усогласување на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух со градоначалникот на Скопје и градоначалниците на општините од Скопскиот плански регион.

На состанокот, како што информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе бидат презентирани моменталната состојба, законските ингеренции, актуелните планови, досегашните искуства и проблеми, како и предлог мерките и патоказите за дефинирање на идна комуникација и делување да имаат МЖСПП, УНДП, Државниот инспекторат за животна средина и Инспекцискиот совет.

На средбата, како што е најавено, ќе присуствуваат и постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Се греат на гуми, пластика, масло од возила

Заменик министер за животна средина, Јани Макрадули вели дека и во центарот на Скопје има семејства кои се греат на јаглен. Според него греењето во домаќинствата учествува со 62 отсто во загадувањето на воздухот. Тие го користат маслото од возилата за поефективно да се загреат, пластика и гуми.

Макрадули смета дека е потребна координирана акција во која локалната самоуправа со бизнис заедницата, невладините организации, во широк фронт ќе дојдат до решение за загадувањето.