Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОбвинет во „Таргет“ и во „Тврдина“ ја призна вината и доби условна казна

Обвинет во „Таргет“ и во „Тврдина“ ја призна вината и доби условна казна

Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека едно лице обвинето во случаите „Тврдина“ и „Таргет“, ја признало вината и дека за него постапката била раздвоена, а во петокот минатата недела била донесена и пресуда.

На обвинетиот, чиј идентитет не се соопштува, му била изречена алтернативна мерка – условна осуда за помагање на сторител во извршено кривично дело.

Од СЈО нагласуваат дека станува збор за прва правосилна пресуда за случај на тоа обвинителство.

„Предлогот за раздвојување беше истакнат од ова јавно обвинителство, при што се имаше предвид интересот на обвинетото лице за побрзо завршување на постапката, како и економичноста и целисходноста на постапката“, стои во соопштението на СЈО.

Во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, кои се споени во еден обвинителен акт, првообвинети се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнвање (УБК), Сашо Мијалков, ексначалникот на петтата управа, Горан Грујовски, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, и уште десетина лица. Тие се товарат за незаконското прислушување, што пред две години го разоткри тогаш опозициската, а сега владејачка партија – СДСМ, и за уништување на опремата од прислушувањето.

Инаку, неделава на рочиштето од судскиот процес за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, поранешниот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров, ја призна вината за учество во насилствата.

Судот на предлог на СЈО ја раздвои постапката за Лазаров, а пресудата треба да биде изречена на рочиште, закажано за утре.