Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОБСЕ/ОДИХР: Изборите минаа во согласност со меѓународните стандарди

ОБСЕ/ОДИХР: Изборите минаа во согласност со меѓународните стандарди

Вчерашните избори минаа во согласност со меѓународните стандарди и продонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес, заклучија меѓународните набљудувачи преводени од ОБСЕ/ОДИХР и од делегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа.

– Иако процесот сè уште не е завршен, на овие избори се виде напредок во демократскиот процес на оваа земја и довербата на гласачот во изборниот процес се зголемува. Се надеваме дека ова ќе продолжи и во вториот круг – изјави амбасадорката Одри Гловер, шеф на мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.

Таа рече дека законската рамка претставува солидна основа за одржување на фер и демократски избори, доколку се почитува пропишаното. Набљудувачите констатирале дека кампањата се одвивала мирно, иако биле регистрирани вербални напади од една политичка партија и еден насилен инцидент.

Од ОБСЕ истакнуваат дека сепак е потребно унапредување на самиот изборен систем и примена на препораките дадени од канцеларијата на ОБСЕ и од Советот на Европа од претходните избори.

Како недостаток ја истакнаа нетранспарентноста на Државната изборна комисија (ДИК) при носење на одредени одлуки, кои, како што рекоа, биле донесени зад затворени врати, а потоа не сите од нив биле објавени на интернет-страницата на Комисијата.

Тие забележаа дека недостига можност за ревизија на финансиските извештаи што ги поднесуваат политичките партии, особено зашто некои од нив сè уште немаат доставено извештаи.

Според ОБСЕ/ОДИХР, на овие избори не е испочитуван родовиот баланс, особено кај кандидатите за градоначaлници. Тие посочуваат дека и покрај ваквата правна обврска, ДИК прифаќала советнички листи кои исто така не биле родово избалансирани.

Според шефот на дeлегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа, Карим ван Овермеире, излезноста од повеќе од 60 отсто е важна затоа што претставува индикатор дека граѓаните веруваат дека работите можат да се сменат кон подобро.

За обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за изборни нерегуларности, Гловер рече дека сите забелешки и жалби на партијата се регистрирани и ќе го следат понатамошното одлучување на надлежните институции по овие жалби.

Ван Овермеире рече дека избори без неправилности се невозможни бидејќи сме луѓе, а луѓето грешат.

– Предизборната кампања и гласањето беа во согласност со меѓународните стандарди, но тоа не значи дека нема нерегуларности. Секогаш има простор за подобрување – рече Ван Овермеире.