Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаОбјавен извештајот за економските слободи – еве каде е рангирана Македонија

Објавен извештајот за економските слободи – еве каде е рангирана Македонија

Извештајот за индексот на економски слободи, изработен од Фондацијата Херитиџ и Вол Стрит Журнал ја рангира Македонија на 47-мото место од вкупно 187 рангирани земји. Според извештајот, земјава останува во категоријата економски умерено слободни држави. Има вкупна оценка 67,5 поени што е подобрување за 0,4 поени во однос на минатата година.

Извештајот, кој ја оценува економската слобода, покажа дека Македонија има најдобри резултати во својата даночна политика, стабилноста на валутата и отвореноста за трговија со странство, додека најлошите оценки се бележат во заштитата на приватната сопственост и перцепцијата на корумпираност во редовите на полицијата, судството, образованието и здравството.

– Иако законодавната рамка во Македонија е добра, спроведувањето на правото е слабо и јавноста е скептична околу волјата на власта да ги гони функционерите за корупција. Полицијата, судовите, високото образование и здравството се гледаат како најкорумпиран сектори. И покрај тоа што постои законска основа за заштита на сопственичките права, спроведувањето е проблематично, се вели во извештајот.

izvestajЗемјава според заштита од корупција и имотни права има оценка 35, односно 44, што ја става земјава во неслободни во однос на овие две прашања.Високи оценки има во делот на трговската и монетарната слобода, односно 86.4 и 83.5. Извештајот ги оценува државите според четири категории ­ владеење на правото, ограничување на државниот сектор, регулаторна ефикасност и отвореност на трговијата.

Од балканските земји, Албанија и Бугарија се на 59 и 60 место, Црна Гора е 65, Србија е 77, додека Грција за која се оценува дека се неопходни храбри чекори за земјата да се врати на вистинскиот пат по долготрајната економска криза, е на далечното 138 место. Во споредба со сите држави од Европа, Македонија е на 22 место.

Во глобални рамки, Хонг Конг и Сингапур се на првите две места, следени од Нов Зеланд, Швајцарија и Австралија. Британија е десетта, САД 11, а Германија на 17 место. Дното на табелата е резервирано за Зимбабве, Венецуела, Куба и Северна Кореја како држава која убедливо најмалку толерира економски слободи.