Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАСветОбама и Ердоган сепак се сретнаа – новинарите се судрија со телохранителите на турскиот лидер

Обама и Ердоган сепак се сретнаа – новинарите се судрија со телохранителите на турскиот лидер

Откако пред само неколку дена американскиот претседател Барак Обама одби да се сретне со турскиот колега Реџеп Ердоган, сепак двајцата разговарале на маргините на самитот за нуклеарна безбедност, која започнува во САД. Тие разговарале за соработката на Анкара и Вашингтон во борбата против терористичката група „Исламска држава“, соопштија агенциите.

Според прес-службата на Белата куќа двајцата претседатели разговарале за „американско-турската соработка во областа на регионалната безбедност, борбата против тероризмот и миграцијата“. Државниот врв на САД ја „потврди поддршката на САД за безбедноста на Турција и потсети на заедничките напори против терористите“. Обама и Ердоган разговарале и за прашањето „на кој начин да ги протуркаат заедничките напори насочени кон слабеење и уништување на ИД“, забележува прес службата на американската администрација.

А самиот почеток на посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Вашингтон, каде присуствува на самитот за нуклеарна безбедност, беше одбележен со тензии, бидејќи неговите телохранители се судрија со новинарите, јави Танјуг. Безбедносни претставници во делегацијата на Ердоган се обиделе од Институтот Брукингс да избркаат еден новинар. Ердоган во Институтот требало да одржи говор, пренесуваат американските медиуми. Обезбедувањето на Институтот реагирало и ги замолило телохранителите на Ердоган да ја напуштат просторијата.

Претходно, турски официјални претставници го спречиле новинарот Адем Арслан, кој работи за опозициски медиум, да влезе во Институтот. Ердоган се соочува со се погласни критики заради сузбивањето на слободата на говорот и печатот во Турција. Турската делегација пред Институтот беше дочекана и од група демонстранти кои протестираа заради односот на Турција кон Курдите.